Ранетите Палестинци имаат потреба од нега во болници надвор од Газа/Фото: EPA/MOHAMMED SABER

СЗО апелира до другите земји да прифатат пациенти од Газа

Светската здравствена организација во средата апелираше до повеќе земји да се согласат да примаат пациенти од Појасот Газа на лекување, откако десетици ранети и болни луѓе, речиси сите деца, беа евакуирани во Јордан претходно во текот на денот.

СЗО ја координираше итната медицинска евакуација на 35 пациенти, повеќето од нив деца, од Газа во Јордан, во придружба на 72 члена на семејството, изјави нејзиниот генерален директор, Тедрос Аданом Гебрејесус, преку Икс.

„Благодарни сме на јорданската влада за нејзината континуирана поддршка и обезбедување специјализирана грижа за многу сериозно болни пациенти“, продолжи тој.

„Над 10.000 луѓе во Газа сè уште имаат потреба од итна медицинска евакуација. Повикуваме повеќе земји да се зафатат и да ги прифатат – животите зависат од тоа. Има многумина што чекаат“, додаде тој.

Здравствената агенција на ОН долго време повикува на проширување на медицинските хуманитарни коридори, особено дозволувајќи им на пациентите да бидат евакуирани на Западниот Брег и Ерусалим, можност што постоеше пред да избувне војната.

СЗО, исто така, забележа дека со сегашното темпо, ќе бидат потребни години за да се префрлат сите пациенти на кои им е потребен третман, а не можат да го добијат во Појасот Газа, на друго место.

СЗО верува дека во Газа, постојаните воздушни напади, недостигот на медицински материјали, вода, храна и гориво „речиси го исцрпиле“ здравствениот систем кој веќе се соочува со ужасни недостатоци, бидејќи повеќето болници се надвор од употреба, или само делумно или на минимум.

Нападот на военото крило на палестинското исламистичко движење Хамас врз Јужен Израел на 7 октомври 2023 година, што ја предизвика војната, резултираше со загуба на 1.219 животи на израелска страна, од кои повеќето цивили, според официјалните податоци со кои располага АФП. Од 251 лице што беа киднапирани, 49 остануваат во палестинската енклава, но 27 од нив се прогласени за мртви од страна на израелската армија.

Во Појасот Газа, најмалку 58.573 Палестинци, повеќето од нив цивили, ги загубија животите во големите воени одмазднички операции на Израел оттогаш, според најновите податоци од Министерството за здравство на владата на Хамас, кои ОН ги сметаат за веродостојни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот