
Светски реномираниот театролог Патрис Павис ќе одржи работилница на Факултетот за драмски уметности во Скопје
Еден од најзначајните современи театролози во светски рамки, голем познавач на клучните трендови во современиот театар, специјалист на анализата на драмата, изведувањето и спектаклите, Патрис Павис (Франција, 1947), ќе одржи работилница на Факултетот за драмски уметности во Скопје од 19 до 21 мај 2025 година.
Препорачано
На работилницата, организирана со поддршка на Францускиот институт во Скопје, ќе учествуваат студентите од Факултетот за драмски уметности и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, Скопје. Темата на работилницата е театарската адаптација на недрамски текст, во случајов поглавјата на романот „Ти си поезија“ на Патрис Павис.
Светски реномираниот театролог и професор во пензија по театарски студии, Патрис Павис, кој предавал на најпрестижните универзитети на три континента, е автор на клучни книги од областа на теоријата на театарот, незаобиколни референци во доменот на театарските, книжевните и културните студии.
Така, „Речникот на театарот“ (1980) и „Речникот на изведувањето и на современиот театар“ (2014), ќе доживеат бројни реизданија и ќе бидат преведени на повеќе од 20 јазици. Овие речници, денес, се меѓу најкористените педагошки и научни прирачници за театарот во светот.
Други поважни теориски книги на Патрис Павис се: „Проблеми на театарска семиологија“ (1976), „Театарот на крстопатот на културите“ (1990), „Современа театарска режија“ (2007), „Анализа на спектаклите“ (1996), „Анализа на драмските текстови“ (2016), „Изведувајќи ја Кореја“ (2017).
Павис е автор и на неколку драмски пиеси, меѓу кои „Да се бакнеме во вишновата градина!“ (2014), „Вања и Таа“ (2007), „Моите три сестри“ (2007), како и на пиесата „Посета во болница“ (2017), преведена на македонски јазик („Културен живот“, бр.1/2, 2025). Конечно, Павис е автор и на романот „Ти си поезија“ (2021), преведен и објавен на македонски јазик („Перун Артис“, Битола, 2023).
Францускиот институт во Скопје, во соработка со Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, ќе организира книжевна средба со Патрис Павис, еминентен француски професор и театролог со светско реноме, во текот на која ќе се разговара за неговиот неверојатен творечки опус и академска кариера како предавач на три континенти и како автор на најчитаните и најпреведуваните речници за театарот и изведувачките уметности.
Средбата ќе се одржи на 22 мај, во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје. Средбата со Патрис Павис ќе ја анимираат: Деспина Ангеловска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, теоретичарка на театар и драма, авторка и преведувачка; и Владимир Мартиновски, професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, писател и поет. Во рамки на средбата ќе биде претставен и романот на Патрис Павис, „Ти си поезија“, преведен на македонски јазик во издание на „Перун Артис“.