
Светска листа на најмоќни пасоши: Сингапурскиот е прв, а македонскиот поволен за инвеститори
„Хенли Индекс“ ја објави листата на најмоќните пасоши за 2025 година. Три азиски земји ги заземаат првите две места на индексот на пасоши „Хенли“: Сингапур е прв, а Јапонија и Јужна Кореја го делат второто место. Со сингапурската патна исправа без визи се влегува во 193 земји
Препорачано
На третото место се седум европски земји: Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија и Шпанија.
На 4-то место се пасошите од Австрија, Белгија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Португалија и Шведска.
Грција, Нов Зеланд и Швајцарија ја затвораат топ 5, израмнети на петтото место. Носителите на грчки пасош имаат безвизен пристап до 187 земји, исто како и швајцарските. На шестото место е пасошот на Велика Британија, а седмото место го делат Австија, Чешка, Унгарија, Малта и Полска. На осмата позиција од табелата се канадскиот и естонскиот пасош како и оној на Обединетите Арапски Емирати.
Хрватскиот и словенечкиот пасош го делат 9-то место и со нив може да се патува во 183 земји во светот без визи. На оваа позиција се и Словачка и Летонија. Пасошите на Литванија, Исланд и САД го делат 10-тото место. Бугарскиот пасош на 13-место во рангирањето со можност за патување во 177 земји.
Македонскиот пасош е на 38 место и со него без виза може да се патува во 130 земји во светот како и во Шенген зоната на ЕУ.
„Хенли“ ја посочува Македонија во групата од 3 европски земји заедно со Австрија и Турција каде може да се добие државјанство преку инвестиции во тие земји или таканаречени „златни визи“. Во дваесетина други европски земји преку преку инвестициски програми може да се добие само регулиран престој, но не и државјанство.
Според „Хенли“ програмата за државјанство на Северна Македонија преку инвестиција им овозможува на странските државјани да инвестираат во земјата и да аплицираат за алтернативно државјанство. Земјата се гордее со динамична, економска клима во развој и процут на земјоделството и преработувачката индустрија, одлични за деловни инвестиции и раст. Со минимум инвестиција од 200.000 евра, предност на државата е што може слободно да се патува во Хонг Конг, Јапонија, Сингапур, Турција и Шенген зоната во Европа, меѓу другите, како и со електронска виза за Индија, нагласува Хенли.
Од балканските земји кои не се во ЕУ подобро е рангиран само српскиот, кој е на 34 место и со него може да се патува во 138 земји. Босанскиот пасош е на 42 место, и со него се патува во 123 земји без визи, веднаш зад него е албанскиот за кој не се потребни визи во 122 земји. Од регионот најслабо котира косовскиот пасош кој е на 61 место, и со него се патува без визи во 82 земји. Турскиот пасош е на 46 место и со него не може без виза да се патува во ЕУ, туку само во 114 земји во светот.
Индискиот пасош имаше најголем пораст на глобално ниво оваа година, искачувајќи се за 8 места, на 77 -мо место. Индиските државјани сега можат да патуваат во 59 земји без виза.