Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ / Фото: Архива на „Слободен печат“

Свечено отворање на подновената спомен-соба на Крсте Мисирков

По речиси две децении од последното реновирање, денеска свечено ќе биде отворена подновената спомен-соба на Крсте Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје.

Од Институтот посочуваат дека старите документи од претходната поставка се зачувани во електронска форма и заедно со нови фотографии и документи, сведочат за целиот живот на Мисирков, почнувајќи од детството, преку училишните клупи и студиите до образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место зазема книгата „За македонцките работи”, објавена во револуционерната 1903 година, пред цели 118 години.

Со оваа подновена и осовременета поставка се одбележува 95-годишнината од смртта на великанот Крсте Мисирков.

На отворањето, како што е најавено, ќе присуствуваат и министерка за образование и наука Мила Царовска и градоначачник на Град Скопје, Петре Шилегов.

Единствената спомен-соба посветена на животот и дејноста на Крсте Мисирков над четириесет години се наоѓа во Институтот за Македонски јазик „Крсте Мисирков”, а минатата година МОН финансиски ја поддржа иницијативата на Советот на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, на што се приклучи и Градот Скопје.

До минатата година, Спомен-собата на Мисирков ја имаат посетено повеќе илјади ученици од целата земја. За сите посетители (ученици, професори и научници од земјава и странство) изложбата е бесплатна.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” достојно го проучува и го негува македонскиот јазик преку научната, образовната и издавачката дејност, за чија реализација ја добива целосната поддршка од Министерството за образование и наука при Владата на РСМ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!