МАНУ 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Свечена академија по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик: Борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена

Македонскиот јазик го легитимира македонскиот идентитет. Македонскиот јазик е наше природно и основно човеково право и чувар на нашата колективна меморија. Со таква мисла, во еден свој текст, Петре М. Андреевски истакна дека „бранејќи го јазикот, ние го браниме и нашиот живот и нашето заедничко име, нашата заедничка татковина. Го браниме, всушност, највозвишеното – нашата самостојност, нашата слобода, а заедно со нив и нашата иднина“, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која е покровителка на Свечена академија по повод 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, во МАНУ.

МАНУ 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Таа потсети дека на 5 мај 1945 година, на страниците на нашиот прв дневен весник „Нова Македонија“ било објавено решението на тогашната народна влада на Македонија за македонската азбука. Еден месец подоцна, на 7 јуни, бил усвоен и македонскиот правопис. Со овие одлуки бил заокружен долгиот процес на оформување и кодификација на македонскиот литературен јазик.

-Но, не можете да кодифицирате непостоечки јазик. Можете да кодифицирате само постоечки јазик. Патот којшто го поминал македонскиот јазик од својот зачеток во мугрите на словенската писменост, па сè до својата конечна литературна кодификација во многу нешта наликува на оној што го поминале и другите литературни јазици. Следејќи го, ќе видиме дека тој пат минувал низ лавиринтот на средновековните редакции, се пробивал низ долгите векови на народното творештво коешто било трпеливо собирано од преродбениците Миладиновци и Цепенков. Попатно ги среќаваме моралните поуки на Крчовски и Пејчиновиќ, учебниците на Зографски, Шапкарев и Мачуковски, беседите на Прличев, речниците на Пулевски. Следејќи го тој пат, чекориме со Лозарите, со Младата македонска книжевна дружина и Македонското научно-литературно другарство на Чуповски за, конечно, да се сретнеме со монументалното дело на нашиот најголем лингвистички гениј Крсте Петков Мисирков, рече Сиљановска Давкова.

Таа рече дека патот до кодификацијата не бил лесен бидејќи македонскиот јазик бил систематски потиснуван и негиран од соседните пропаганди. Неговите средновековни ракописи биле разграбувани или уништувани, неговите говорители биле насилно асимилирани или прогонувани, а самиот јазик бил третиран како дијалект.

Гордана С. Давкова со академик Живко Попов / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Претседателот на МАНУ академик Живко Попов, порача дека борбата за зачувување на македонскиот јазик не е завршена, таа мора да трае и да продолжи пред меѓународните институции за човекови права, бидејки неговата официјална употреба од страна на деловите на македонскиот народ во соседните земји е оневозможена со превземените обврски со договорите од Преспа со Грција и оној за добрососедство со Бугарија.

– Во исто време македонскиот јазик е загрозен и внатре во самата држава, каде не е подеднакво почитуван на целата нејзина територија. Законот за македонскиот јазик за жал е донесен отпосле и сега државните институции треба да вложат многу поголеми усилби за негова правилна примена. Уставниот суд во чиј капацитет веруваме е на потег да воспостави правилна употреба на македонскиот јазик како официјален јазик за меѓусебно разбирање на сите граѓани на целата територија на државата, согласно општоприфатените меѓународни прописи во светот и ЕУ каде што ние целиме – изјави Попов.

МАНУ 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Министерот за култура, Зоран Љутков во своето обраќање порача дека македонскиот јазик низ историјата поминал низ трнлив пат, исполнет со предизвици.

-Македонскиот јазик низ историјата го помина своето длабоко страдалништво. Распнат меѓу забрани и негирања, меѓу туѓи азбуки и премолчени идентитети, тој беше тивко присутен, но секогаш жив. Како низ трнлив пат исполнет со предизвици, и македонскиот јазик минуваше низ тешкотии, но никогаш не се покори. И кога беше забрануван и кога беше понижуван и кога се обидуваа да го замолчат, тој во себе ја носеше силата на истрајноста и обновата – рече Љутков.

Љутков потсети дека во мај 1945 година, македонскиот јазик конечно стана слободен, признат, кодифициран. Добивме јазик со свое име, со своја граматика, со свој правопис и затоа сме должни да го говориме, да го чуваме, да го негуваме, да го пренесуваме со љубов и знаење. Затоа, додаде тој, во ова време на брзи промени, грижата за македонскиот јазик станува чин на современ патриотизам. И таа грижа не е декларативна. Таа е институционална, одговорна и долгорочна.

-Со јасна заложба на македонската Влада и Министерството за култура и туризам, востановуваме Инспекторат за правилна употреба на македонскиот јазик – институција создадена да укажува, едуцира, советува и да го потсетува општеството дека јазикот е нашето заедничко скапоцено богатство и наш врвен национален приоритет – рече Љутков.

МАНУ 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Тој истакна дека во овие осум децении, македонскиот јазик стана медиум на литературата, науката, театарот, филмот, музиката, образованието каде што секоја нова генерација внесува нов ритам, ново дишење, нова слика. Затоа треба да му пристапуваме на македонскиот јазик со љубов, со знаење, со грижа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот