
Суви чешми во домовите низ повеќе населби, жителите бараат вода на пеколните жештини
И покрај редовните повици за рационално трошење на водата, нормално е потрошувачката да е најголема токму кога е најтопло, преку лето, а апелите и предупредувањата на претпријатието нема да ги решат проблемите со водата кои ги имаат жителите во одредени делови на Скопје.
Високите температури во Скопје драстично ја зголемија потрошувачката на вода, која освен за редовните потреби во домаќинствата, сега во огромни количества се троши за наводнување на зеленилото и за бавчи, но и за полнење базени. Од ЈП „Водовод и канализација“ веќе информираа дека констатирале енормно зголемено трошење вода, особено во попладневните часови и апелираа до граѓаните порационално да ја користат водата.
Препорачано
Само на 23 јуни, како што тврдат од претпријатието, биле потрошени рекордни 356.000 метри кубни вода, односно по 700 литри вода по жител.
Во Сарај, пак, големата потрошувачка предизвикала преоптоварување на системот за регулација на четирите електромоторни погонски единици во станицата Сарај.
Доколку продолжи нерационалната потрошувачка на вода, можно е да се појави сериозен дефект во пумпна станица Сарај – предупредија од Центарот за управување со кризи.
За да се надмине проблемот во пумпната станица во Сарај во петокот беше изведен технички зафат, па десетина часа без вода останаа селата Сарај, Глумово, Долна Матка, Горна Матка, Љубин и Арнакија.
„Водовод“ апелира за рационално користење вода – во Скопје потрошени рекордни 700 литри по жител
Сериозен проблем со водоснабдувањето веќе со недели имаат и жители во неколку населби во општината Гази Баба, како што се Автокоманда, Маџари и Ченто. Тамошните жители бараат итно да им се реши проблемот и апелираат до Општината и до „Водовод и канализација“ да преземат сѐ што е во нивна можност за да им овозможат нормален живот.
Да се моли за вода во 21 век! Да земеш слободни денови од одмор за да седиш дома и да переш на рака и да полниш буриња со вода за наредниот ден. Да се бањаш по комшии или уплаќаш теретани за вежбање за да користиш туш. Да јадеш од пластика за една употреба? Дали имате памет? Дали е ова достоинствен живот, од вчера повеќе од 24 часа нема капка вода? – реагира жителка на социјалните мрежи.
Граѓаните ги повикуваат надлежните да пуштат инспекции за да се утврди кој троши прекумерно за наводнување бавчи, да се изрекуваат казни, а не да страдаат сите поради несовесното однесување на поединци. Нивната реакција уследи откако ЈКП „Гази Баба“ информираше дека поради енормна потрошувачка на вода во општина Гази Баба и општина Чаир, ЈП „Водовод и канализација“ ќе изврши сопирање на еден од дотоците во системот РЖ Железара. Како последица на тоа, во текот на ноќта без вода останаа Смилковци и Црешево.
Во Маџари и во дел од Ченто луѓето немаат вода од рано наутро до полноќ, па остануваат будни за да ја искористат водата ноќе, додека ја има. Како што велат, исцрпени се и на крај на нерви. Четири згради кај Тумба Маџари повеќе од два месеца секојдневно од рано наутро до доцна навечер се без капка вода.
И ние сме луѓе, имаме право на нормален живот. Исцрпени сме, без капка вода, без нормална хигиена, без нормална исхрана, ќе колабираме, во болници ќе завршиме. Спиеме само по 4 часа за да фатиме вода по полноќ. Како да работиме и да функционираме ако го немаме основното, со закон утврдено. Ова е за вонредна состојба, ни се влошува здравјето. Ова е бетер од ковидот – се жалат станарите од овие згради.
Слични проблеми со водата има и во Автокоманда.
На 40 плус степени да не можеш да се избањаш, да не можеш да извршиш нужда, да не можеш лице да си измиеш, да се испереш и да одржуваш хигиена во домот, за мене е проблем од најголеми размери и е надвор од сите граници, алармантно е. Во нормална држава, ова нема да го видите. Во нормална држава дури и привремено ако нема вода, се обезбедува цистерна, ама што има некој да се грижи, ние не сме една таква држава. Се обратив во „Водовод“ и ме насочија во локалната урбана заедница и во општината, кај градоначалникот, со цел да им пријавиме проблем за да може општината да реагира и да се договара со „Водовод“ за изнаоѓање решение – коментира жителка на Автокоманда.
Од ЈП „Водовод и канализација“ не прецизираат дали енормна потрошувачка на вода доведува и може да доведе до недостиг на вода за пиење во Скопје, особено што и во наредниот период нѐ очекуваат тропски температури, но објаснуваат колку била поголема потрошувачката на вода во јуни од вообичаената дневна потрошувачка во изминатите години.
Во јуни просечната дневна потрошувачка е 350 000 метри кубни вода на дневно ниво. Вообичаено до минатата година во летен период просечната потрошувачка на вода се движела до 320 000 метри кубни вода на дневно ниво. Во моментов од изворот Рашче со оглед на издашноста може да се користат 3000 литри во секунда кои се надополнуваат со дополнителни 5 бунари од бунарското подрачје Лепенец и БП Нерези со дополнителни 1 000 литри во секунда – објаснуваат од „Водовод и канализација“
Како што е познато, потребите за вода за Град Скопје скоро во целост се обезбедуваат од изворот Рашче, кој се состои од две каптажи Рашче 1 и Рашче 2, а во летниот период кога е зголемена потрошувачката на вода доколку е потребно се активираат бунарските подрачја Нерези и Лепенец.
Поради енормна потрошувачка на вода во Сарај се преоптовариле пумпните станици
Според годишниот извештај на јавното претпријатие за 2024 година, минатата година од двете каптажи и бунарските подрачја се произведени вкупно 110.055.436 метри кубни вода.
Тоа значи, дека вода има доволно, но сепак секое лето делови од Скопје се соочуваат со слаб притисок на вода или со суви чешми преку цел ден или со денови. И покрај редовните предупредувања за рационално трошење на водата, нормално е водата да се троши најмногу токму кога е најтопло, преку лето, а апелите и предупредувањата на претпријатието нема да ги решат проблемите со водата.
Тие нема да се решат сѐ додека не се подобри водоводната инфраструктура и не се обноват водоводните цевки, од кои некои се стари и половина век и додека водоводната мрежа не се приспособи на незапирливата изградба на нови згради, чии потреби за вода постојната мрежа нема капацитет да ги задоволи.
Ако на ова се додадат и дивите приклучоци и огромните загуби на вода низ водоводниот систем што досега не се надминаа, повеќе од јасно е дека секое лето ќе се повторува ситуацијата со недостиг на вода во нечии домови и апелите на претпријатието со кои ништо не се решава.