
Суспендирани инспекторите од УЈП кои најавувале контроли во кочанската дискотека на смртта
Инспекторите од Управата за јавни приходи кои комуницирале со синот на газдата во кочанската дискотека на смртта се суспендирани се додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба, велат од УЈП за „Слободен печат“ откако двајца даночни инспектори се најдоа во пораките што беа објавени во документарецот на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), а еден од нив и е брат на претседателката на Кривичниот суд Даниела Димовска.
Препорачано
-Во објавата беа презентирани комуникации меѓу вработени лица и даночен обврзник, кои укажуваат на можност за оддавање на даночна тајна, како и неовластено информирање за претстојни контроли и координирани активности со други надлежни институции. Ваквото однесување претставува сериозно прекршување на Кодексот на однесување на вработените во УЈП. Управата за јавни приходи веднаш пристапи кон спроведување на внатрешна проверка на наводите изнесени во објавата и донесе Решение за суспензија на вработените лица кои се опфатени во случајот, сè додека трае постапката за утврдување на фактичката состојба. Оваа мерка е преземена со цел заштита на институционалниот интегритет, угледот на Управата и довербата на граѓаните. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на принципите на законитост, транспарентност и професионализам, и ќе продолжи да спроведува нулта толеранција кон секое однесување што ги нарушува овие вредности. Граѓаните можат да бидат уверени дека УЈП ќе продолжи да делува исклучиво во јавен интерес, со највисоко ниво на етика, одговорност и отчетност – се вели во одговорот од УЈП на прашањето на „Слободен печат“.
Во документарецот на ИРЛ беа објавени пораки меѓу инспекторите од УЈП, Дејан Паунов и Драги Димитриев од УЈП Штип кои на Михајло Јованов, синот на газдата на дискотеката „Пулс“ Дејан Јованов – Деко, му најавуваат контроли, си праќаат слики за подароци кои им ги купувале газдите на инспекторите. Обвинителството тврди дека за овие пораки се води предистражна постапка и за секој за кој ќе има докази за вмешаност во трагедијата ќе се гони кривично.