
ВИДЕО | Сушата откри антички гробници во Ирак: Има околу 40 и стари се над 2.300 години
Археолозите во Ирак кој е погоден од суша открија 40 антички гробници откако падна нивото на водата во најголемиот резервоар во земјата. Античките гробници, за кои се верува дека се стари над 2.300 години, беа откриени на работ на резервоарот на браната Мосул во регионот Ханка во покраината Духок на северот од земјата, објави „Ал Џезира“.
Препорачано
„Досега откривме приближно 40 гробници“, рече во саботата Бекас Брефкани, директор на Одделот за антиквитети во Духок и раководител на археолошката работа на локацијата.
Неговиот тим ја истражуваше областа во 2023 година, но забележа само делови од неколку гробници.
– Дури оваа година, кога нивото на водата го достигна најниското ниво, можевме да пристапиме до локацијата и да започнеме сериозни ископувања – рече Брефкани.
Во последниве години, археолозите открија урнатини кои датираат од пред илјадници години во истата област, како резултат на сушите што го мачат Ирак пет години по ред.
– Сушите имаат значително влијание врз многу аспекти, како што се земјоделството и електричната енергија. Но, тие ни овозможуваат нам, археолозите, да вршиме ископувања – рече Брефкани.
Според него, се верува дека античките гробници датираат од хеленистичкиот или хеленистичко-селевкидскиот период. Тој додаде дека неговиот тим работи на ископување на гробниците со цел да ги пренесе во Музејот Духок за понатамошно проучување и зачувување, пред областа повторно да биде поплавена.
Ирак, кој е особено ранлив на ефектите од климатските промени, се соочува со зголемување на температурите, хроничен недостиг на вода и екстремни суши што се случуваат година по година. Властите предупредија дека оваа година била една од најсушните од 1933 година и дека резервите на вода се намалиле на само 8 проценти од нивниот полн капацитет.
Експертите ги наведуваат климатските промени и големиот број брани изградени на реките Тигар и Еуфрат во соседните Турција и Иран како причини за оваа ситуација, што дополнително го намалува протокот на вода во Ирак