Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“

Супстандардната пералница на Клинички во аут – се пере во ГОБ „8 Септември“

Пералницата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ не работи. Вработените немаат земено плата, машините не функционираат, а ниту една од клиниките во комплексот не ги предаваат чаршафите, болничката облека за хирурзите и ќебињата во овој урнисан и супстандарден објект каде протекува вода, ѕидовите и кровот се оштетени, начинот на чување на текстилот е со натрупување во купови на подот и каде што машините за перење и сушење се стари со децении.

Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека фирмата „Скопстер“ доставила писмено барање и Владата е информирана дека пералницата ќе премине во владение на Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар.

-Поради изборите во моментот не може да се отвораат постапки за јавни набавки, па овој проблем ќе мора да се реши по завршувањето на изборите. Во меѓувреме, проблемот се решава во соработка со локалните пералници кои ги имаат некои од клиниките и со соработка со ГОБ „8 Септември“, рекоа од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Фирмата „Скопстер“ која управуваше со пералницата пак, тврдеше дека неможноста навремено да исплаќа плати е поради тоа што Заеднички служби ненавремено ги исплаќале долговите кон нив – за тековното функционирање и за самите примања на вработените.

Вработените штрајкуваа повеќе пати во текот на изминатите месеци, а во разговор со „Слободен печат“ пред два месеци потенцираа дека не се здравствено осигурани, не им тече стажот и едноставно се одјавени. Она што вработените ни го кажаа, а во што и самите се уверивме со обиколка на пералницата е тоа дека машините се неисправни, а поради тоа дел од вработените почнале и да се повредуваат. Една од вработените сподели дека нејзин колега скршил прст обидувајќи се да ја поправи машината, дека капакот од сушилницата ги удира по глава.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат изминатиот период вршел инспекциски надзори во пералницата при Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје и констатирале дека е „за никаде“. Инспекцијата констатирала дека овој објект е во лоша санитарно-техничка и хигиенска состојба заради што издавале решенија за отстранување на недостатоци. Но, имајки во предвид дека овој објект е единствен од таков вид во клиничкиот центар и нема можност за преструктуирање на клиниките сами да ја вршат дејностa, не е дадена забрана за вршење на дејност. Во тековната 2025 година планиран е редовен инспекциски надзор во централната пералнаица при Комплексот клиники Мајка Тереза, информираа од ДСЗИ за „Слободен печат“.

Работниците работата продолжиле да ја вршат повремено, бидејќи се надевале дека „Скопстер“ ќе го почне проектот од кој зависеше нивната иднина, а тоа е јавно-приватното партнерство за стерилизација на инструменти. Министерот за здравство, Азир Алиу, за да ја смири ситуацијата им се извини на вработените и им вети решавање на нивниот статус. Меѓутоа поради започнување на изборниот процес и неможноста за вработување во текот на истиот, вработените повторно извисија.

Всушност, фирмата „Скопстер“ во 2019 година потпиша јавно-приватно партнерство со тогашната влада, според кое инструментите за хируршки зафати во болниците при Клинички центар, требаше да се стерилизираат на четири локации, проект со кој фирмата требаше да раководи. Првата локација е во „Мајчин дом“ каде „Скопстер“ инвестираше 12 милиони евра во современа апаратура, реновирање на објектот и купување на сетови со инструменти за хируршки интервенции. Но, јавно-приватното партнерство иако требаше да почне пред година и половина и веќе да се стерилизираат хируршките инструменти при операциите на новиот начин, со „Скопстер“ како изведувач на оваа услуга, сепак тоа не се случи.

Во моментов фирмата чека дали владата ќе го почне јавно-приватното партнерство за стерилизација. Станува збор за јавно-приватно партнерство чија главна цел е да се спречат болнички инфекции во болниците, за кој „Скопстер“ најави дека доколку не се реализира како што е предвидено во договорот, на располагање им е да се упатат на арбитража во Вашингтон.

Во меѓувреме здравствените институции во Македонија имаат паралелни капацитети за стерилизација на хируршките инструменти при операциите. Незаживеаното јавно-приватно партнерство со „Скопстер“ беше најавувано како европски начин на стерилизација на инструментите за операциите во македонските болници, современа дезинфекција на хируршките сали и правилно менаџирање со отпадот.

Државниот завод за ревизија во април 2025 година, во својот извештај со наслов „Воспоставувањето и реализацијата на договорите за јавно-приватно партнерство не обезбедуваат ефикасни јавни услуги и подобрени инфраструктурни објекти“, во таа една реченица од насловот ја опиша судбината и на партнерството за стерилизација во болниците.

Државниот ревизор констатирал дека „Скопстер“ во целост извршиле реновирање, адаптирање и опремување на центарот за стерилизација на хируршка опрема во објектот во „Мајчин дом“, додека кај другите три објекти не се отпочнати активности бидејќи државата не им ги дала во владение.

Работејќи со тоа што го имаат во владение, „Скопстер“ уште во мај 2024 биле подготвени да почнат да работат на првата клиника на која требало да се почувствуваат бенефитите од интегрираното менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафата и заштита од болнички инфекции.

Тоа била Клиниката за гинекологија и акушерство во Клинички центар „Мајка Тереза“ – Скопје (ГАК). Но, соработката тогаш не била воспоставена. Не е воспоставена ни година и половина подоцна, во октомври 2025.

Ревизорите во извештајот подвлекоа дека доколку не се воспостави соработка помеѓу двата партнери (Министерството за здравство и „Скопстер“) и не се изнајде заедничко решение, постои ризик од потенцијални штети за двете страни.

„Овие штети не се ограничени само на економски аспекти, туку може да имаат и негативно влијание врз јавната перцепција за институциите и квалитетот на здравствените услуги кои им се обезбедуваат на граѓаните“, наведува Државниот завод за ревизија.

ВИДЕО | Пералницата – „темпирана бомба“ од бактерии и зараза на Клинички центар „Мајка Тереза“ и упориште на изневерени работници

Инспекцијата утврдила дека пералницата на Клинички е во лоша состојба, ама друга нема – па не издале забрана за вршење дејност

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот