Тетово суд/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Судскиот совет побарал увид во предметот за пресудата за Теодора, Камбовски вели дека ќе реагираат ако има пропусти

Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски во изјава за МИА рече дека побарале увид во предметот за пресудата за Теодора Ристевска која беше смртно прегазена на пешачки премин во Тетово. Тој нагласува дека доколку има пропусти, ќе реагираат.

– Веднаш побаравме да видиме што се случува, предметот е побаран и треба да ни биде испратен. Ќе извршиме увид и доколку има пропусти ќе реагираме, доколку е сè во ред, ќе соопштиме – рече тој.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, возачот Менсур Пајазити, кој ја прегази 22-годишната Теодора, првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги укина пресудите и го врати случајот на повторно судење. Судот во Тетово вчера повторно му досуди две години затвор на сторителот, што беше пречекано со бурни реакции во јавноста.

Многу луѓе на социјалните мрежи изразија незадоволство и гнев, сметајќи дека казната е премногу блага. Семејството на Теодора изрази длабоко разочарување од пресудата. Дополнително, судијата Ељведин Ферати беше критикуван поради сомнежи за неговиот интегритет дека си ги поправал оценките на Тетовскиот универзитет со пречкртување. Државниот просветен инспекторат минатата година утврди неправилности во неговите оценки, што доведе до предистрага од Скопското јавно обвинителство.

Од Обвинителството денеска за „Слободен печат“ изјавија дека пред околу еден месец решиле дека нема да го гонат судијата, откако извршиле проверка на Државниот тетовски универзитет, каде ја пронашла документацијата која не ја нашле просветните инспектори и ДКСК, а која докажува дека Ферати преполагал три испити за да си го покачи просекот. Повисоките оценки тогаш му биле потребни за запишување на Академијата за судии и обвинители.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика Судскиот совет да ја преразгледа работата на судијата. Реакција од Судскиот совет побара и министерот за правда, Игор Филков, кој ја коментираше пресудата за возачот кој ја усмрти Теодора Ристевска, истакнувајќи дека довербата на граѓаните во судството е многу ниска.

ВИДЕО | Сестрата на Теодора: Дали некој ќе ми објасни колку вреди животот на сестра ми?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот