
Судскиот совет 16 месеци не може да донесе заклучок за предметите поврзани со „Трансмет“ на осудениот Сеад Кочан
Судскиот совет денеска не донесе единствен заклучок во врска со предметите поврзани со фирмата „Трансмет“ на осудениот бизнисмен Сеад Кочан во предметот „Труст“ на поранешното Специјално јавно обвинителство, затоа што сè уште не е изготвен еден од четирите извештаи за четирите суда што постапувале во предметите поврзани со „Трансмет“, оној за Граѓанскиот суд, за кој беше задолжена членот на Советот Лорета Горгиева. Иако одлуката да се формира работна група што ќе ја преиспита состојбата во предметите со фирмата „Трансмет“ и ќе донесе единствен извештај и заклучок беше донесена лани во април, работата не е завршена, што беше премет на критика на членот на Советот Весна Дамева. Таа ја обвини колешката Горгиева за неажурност и предупреди дека заради неажурноста на поединци, на мета на критики е целиот Судски совет.
Препорачано
По критиката, а на предлог на Дамева Судскиот совет утврди рок од 15 дена за да се доврши задачата, односно да се усвои единствен извештај и заклучок, а точката за разгледување на четирите засебни извештаи беше тргната од дневниот ред.
Предметот „Труст“ и понатаму е актуелен во јавноста затоа што досудената конфискација на имотот на фирмата „Трансмет“ не се рализираше оти имотот што требаше да биде одземен во меѓувреме беше преземен од други фирми и банки, а штетата за државата се проценува на над 12 милиони евра. За „мрежата од институции“ вклучени во неуспешната конфискација неодамна поднесе извештај и Државната комисија за спречување на корупцијата, што пак, го предизвика Јавното обвинителство да ја раскине соработката со ДКСК, односно да ги третира претставките од Комисијата како и сите други, без да им дава приоритет.
Работната група во Судскиот совет имаше задача да изврши увид во четирите суда каде има предмети поврзани со „Трансмет“, да подготви четири извештаи и да усвои еден заклучок. За координатор во Основниот кривичен суд беше избрана Весна Дамева, за Основниот граѓански суд Лорета Горгиева, за координатор во Апелацискиот суд Тања Чачарова Илиевска, а за за Врховниот Хани Зендели.
Дамева, критикувајќи ја Горгиева рече дека таа самата за еден месец со колешката Мери Радева го изготвиле извештајот за Кривичниот суд во врска со предметите за „Трансмет“, а претходно реализирале неколку посети во судот.
– Бидејќи како член на таа работна група бев задолжена да учествувам во изготвување на единствениот извештај се интересирав до каде се извештаите на другите колеги за останатите судови. За Апелација од колешката Тања Чачарова-Илиевска и за Врховен од Ханиф Зендели беа доставени целосни извештаи, но недостасуваше извештај од Граѓанскиот суд за кој координатор е членот Лорета Горгиева. За ова неколку пати усно укажував на членот, меѓутоа не наидов на разбирање. Укажував и на последиците бидејќи сме врзани и за рокови за постпаување и се плашев дека дел од тие рокови ќе истечат и ќе сносиме и ние одговорност, бидејќи не може да се криеме зад останатите членови или цел Судски совет. За жал, одредено постпаување на одредени членови е на штета на целиот Судски совет – рече Дамева.
Горгиева не беше присутна на седницата затоа што е на годишен одмор, па во нејзина одбрана Зендели рече дека доцнењето на извештајот за Граѓански е оправдано затоа што кога биле во судот им било кажани дека во тој момент предметите не се таму, туку се во Финасиска полиција.
– Кога судот констатира дека се вратени кон крајот на годината Судскиот совет ги побара, ги разгледа и некаде во февруари 2023 беа разгледани. Тоа е причината, тоа се објективни работи – рече Зендели.
Дамева му одговори дека „тоа не е така“ и дека при контролата во Апелација се утврдило дека еден или два предмети се наоѓаат во судот, односно не се наоѓаат сите во Финасова полиција.
Бизнисменот Сеад Кочан беше осуден на 6 години затвор, а потоа Апелациониот суд му ја намали казната на 4 години и 8 месеци, за добивање на незаконски тендер во 2011 година распишан од ЕЛЕМ за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол.