Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Судот не докажа дека фирма ставила во промет хемотерапија на Онкологија за рак на дојка без дозвола од МАЛМЕД

Реномирана македонска веледрогерија присутна на бројни државни тендери во здравството за набавка на лекови е ослободена од обвинение дека на Клиниката за Онкологија во 2016 година имала доставено хемотерапија за рак на дојка Херцептин, без притоа да има одобрение од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД за пуштање во промет на лекот.

Судот дозволи случајот да застари, а фирмата да не плати глоба и дури седум години, од 2016 до 2023 година прекршочната постапка се влечкала во судниците додека на крајот да застари.

Според пресудата од Апелација донесена годинава, и фирмата и управителот се ослободуваат од одговорност, а трошоците за прекршочната постапка паѓаат на товар на Буџетот на Македонија.

„Обвинетите се ослободуваат од одговорност дека на 6 јули 2016 година од страна на фармацевтски инспектори од Агенцијата за лекови и медицински средства при вонреден инспекциски надзор во дневната болница на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија е утврдено дека лекот Херцептин, прашок за концентрат за раствор за инфузија обвинетите го ставиле во промет овој лек паралелно увезен без одобрение на Агенцијата за лекови и медицински средства за пуштање во промет на овој лек. Лекот бил со рок на употреба до ноември 2019 година“, пишува во ослободителната пресуда.

Основниот кривичен суд Скопје, најнапред обвинетата фирма и управителот ги огласил за виновни за прекршок по член 17 од Законот за лекови и медицински средства и им изрекол глоба од 800 евра за фирмата и 200 евра за управителот.

Но, кога тие се пожалиле на осудителната пресуда пред Апелација, апелациониот суд констатирал дека предметот веќе застарел и ги ослободил од одговорност.

„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалбата притоа не впуштајќи се во оцена на жалбените наводи, разгледувајќи ги списите во предметот утврди дека во конкретниот случај настапила апсолутна застареност за водење на прекршочната постапка. Бидејќи до денот на конечното одлучување поминало пропишаното време за застарување на прекршочното гонење односно изминати се повеќе од 6 години од денот кога бил сторен прекршокот за кое време прекршочната постапка не е завршена со правосилна одлука, настапила апсолутна застареност на прекршочното гонење, заради што овој суд ги ослободи од одговорност обвинетите за предметниот прекршок“, наведува Апелациониот суд во својата одлука.

Со оглед на тоа обвинетите се ослободени од одговорност, трошоците на прекршочната постапка паѓаат на товар на буџетот на Македонија.

Согласно утврдените законски надлежности Агенцијата за лекови и медицински средства е одговорна за издавање одобренија за ставање на лекови во промет, како и промена, дополнување или обнова на одобрението.

Согласно член 17 од Законот за лекови и медицински средства, лек може да се стави во промет ако има издадено одобрение за ставање во промет.

Барање се поднесува за секоја фармацевтска форма јачина и пакување. Агенцијата ги издава одобренијата врз основа на предлог на Комисијата за лекови која е постојана стручно-советодавна комисија.

Комисиите се стручно независни и самостојни во рамките на својот делокруг на работа и работат врз основа на деловник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот