
Судот на јавноста и фактите се неприкосновени, вели Беса Адеми откако Судски се изјасни „против“ неа
За моите заложби и конкретни резултати говорат фактите кои се нотирани и во меѓународните извештаи. Судот на јавноста и говорот на фактите е неприкосновен, вели за „Слободен печат“ судијката Беса Адеми која на вчерашната седница на Судскиот совет не доби мнозинство гласови за втор мандат за прв човек во највисокиот, Врховен суд.
Препорачано
– За моите заложби и конкретни резултати говорат фактите, кои се нотирани и во домашните и во меѓународните извештаи, особено во извештаите на Европската Унија. Владеењето на правото, со акцент на транспарентноста и европските стандарди беа основен мотив во мојата работа и јавноста е свесна пред колку предизвици сум била исправена и колку никогаш не отстапив од моите убедувања кои се преточија во конкретни резултати за Врховниот суд и непосредно за целото судство. Секој има право на субјективен суд, но судот на јавноста и говорот на фактите е неприкосновен. Достигнатите резултати го издигнаа судот од една незавидна позиција и горда сум на постигнатото. Но, угледот на судството и реформските заложби и активности се континуиран процес кој зависи од многу чинители. Врховниот суд само преку искрена волја и понатаму ќе продолжи со истите заложби, особено што критериумите се високо подигнати. Со взаемна соработка и посветеност во Врховниот суд и со институционалниот капацитет кој го поседува, убедена сум дека ќе продолжиме по тој пат во интерес на граѓаните – вели Адеми за „Слободен печат“.
На вчерашната седница на Судскиот совет со осум гласа „за“ и „пет“ против за нов претседател на Врховниот суд беше избран судијата Африм Фидани. Голем дел од членовите не гласаа за ниту еден кандидат, но мнозинството членови беа „против“ изборот на Беса Адеми. Само двајца од тринаесет членови на Советот, Аритон Ала и потпретседателот на Судски совет Ханиф Зендели гласаа „за“ Адеми. Тие всушност беа „за“ двајцата кандидати.
Мнозинството членови ѝ забележаа на Адеми за несоработка и некооперативност со Судскиот совет.