Судење 27 организатори/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Судот ги амнестираше организаторите и испрати порака до извршителите за „27 април“ – Побарајте милост од државата, немојте пак да бидете изманипулирани

Можете да си одите, слободни сте, им рече судијата Илија Трпков на обвинетите за организирањето на „крвавиот упад“ во Собранието на 27 април 2017 година. Судот по третпат одлучуваше и по шест години судење, го прифати барањето за амнестија на поранешните министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, но и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. За Атанасовски, Обвинителството достави мислење дека не треба да биде опфатен со Законот за амнестија што беше изгласан во Собранието во 2018 година и со кој беа амнестирани дел од обвинетите кои упаднаа во законодавниот дом, но сепак и тој беше амнестиран.

Пред да ја соопшти одлуката, Трпков на долго и широко објаснуваше дека не се согласува со амнестирањето на организаторите и дека, според него, Законот што беше изгласан во Собранието не бил за организаторите. Тој потсети и дека второстепениот суд двапати ја укинуваше првостепената пресуда за организаторите, и покрај барањето на обвинетите за нив да биде применет Законот за амнестија. Се товареа за терористичко загрозување на уставниот поредок, односно дека заедно со поранешниот премиер Никола Груевски го организирале упадот и ги мобилизирале членството и патриотските здруженија.

Судење 27 организатори/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Уривањето на Собранието е уривање на државата. Лично јас, а и како Совет, сè уште сме на ставот дека интенцијата на законодавецот со Законот за амнестија беше да не се амнестираат организаторите, но секогаш има едно „но“. И Јавното обвинителство и Апелацискиот суд одлучувале дека тројцата обвинети не постапиле спротивно од овластувањата – рече Трпков.

Ова не е ниту сечено, ниту лепено, ниту монтирано

Судијата на мониторот покажа и снимки од дивеењето на толпата во законодавниот дом.

– Настаните од Собранието сите ги знаеме. Ова не е ниту сечено, ниту лепено, ниту монтирано. Ова ѝ се случи на нашата држава – рече Трпков.

Тој откри дека еден од обвинетите организатори вршел притисок врз судот преку колумни и дебатни емисии и се обидел да го врати Судот во едно поранешно време, кога се вршел притисок врз судии.

– Никој не се плаши и нема да се врати некое поранешно време. Ние судиите мора да издржиме и да постапуваме – рече судијата, но не прецизираше кој обвинет и какви притисоци му вршел.

Тој го констатираше она што произлезе од досегашните пресуди за овој упад – дека на крајот ќе излезе дека обвинетите за „27 април“ сами се организирале и влегле да кршат во Собранието.

Судење 27 организатори/Фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

– Тоа им е јасно на сите, и на осудените во затворите, дека тоа не е можно. Дека не е можно да се пробие полициски кордон на спортски натпревари, а не во Собрание. Но, некој побара од државата да биде амнестиран. Јас лично сметав дека обвинетите ќе одат до крај и ќе докажат дека не се вмешани, но тоа е нивна одлука и треба да се почитува – рече Трпков.

Судијата во своето обраќање имаше порака и до „извршителите“, кои се единствено во затвор за „крвавиот упад“ и индиректно порача дека законите во Собрание се носат за да се амнестираат политичарите.

– Законите ги прави законодавната власт. Притоа, на целокупната македонска јавност јасно и очигледно ѝ е во кој правец се носат законите и како се толкуваат. На македонската јавност сосема ѝ е јасно на кого се помага со законите и во чија полза тие се толкуваат. Сигурно не се толкуваат во полза на оние осудени лица за настаните во Собранието што се наоѓаат во македонските затвори. Некој овие осудени лица ги нарекува патриоти, ги тапка по рамо и им кажува најразлични приказни. Овие лица сигурно се патриоти, но во никој случај за настаните во македонското Собрание не може да се каже дека патриотски постапиле. За тие настани овие лица и тие што ги организирале, треба да се срамат. За кршење на законодавниот дом, за тепање народни избраници, без разлика од која политичка партија се, не може да се биде патриот – рече судијата.

Трпков ги повика осудените за „27 април“ да побараат милост од државата и да не дозволат повторно да бидат изманипулирани.

– Најголем дел од сите овие осудени лица сигурен сум дека ја сакаат Македонија, но во конкретниов случај тие не се патриоти, туку се лица што од некого се искористени и изманипулирани за искривени политички цели. Сигурен сум дека оваа одлука кај нив ќе побуди различни емоции и чувства. Истото го чувствувам и јас, и овој Совет тука, но за конкретните настани во Собранието, за кривичните дела што се случија таму, наведнете ја главата, побарајте прошка од државата, како што овие обвинети тука побараа. Немој само да дозволите некој да се крие зад судски одлуки и повторно да ве манипулира, тоа не носи добро за целата држава – им порача судијата на оние кои издржуваат затворски казни.

Адвокатите задоволни

Адвокатите на обвинетите се задоволни од пресудата, а Јордан Апостолски, кој го брани Атанасовски, порача дека Министерството за внатрешни работи, кога се случил упадот, бил под контрола на СДСМ и ДУИ.

– Уште на почетокот на овој процес тврдевме дека станува збор за политички монтиран процес, со цел да бидат ослободени од одговорност вистинските организатори на настаните, а од изведените докази се покажа дека овие лица немаат никаква инволвираност во настаните за „27 април“. Според нас и според изведените докази, може да се утврди само дека во тогашното време МВР не си ја извршуваше својата задача. А тогаш, тоа Министерство беше под влијание и под контрола на коалицијата СДСМ-ДУИ – рече Апостолски.

Тој тврдеше дека тогаш технички министер бил Оливер Спасовски, но тоа беше еден преоден период до формирање влада кога МВР го водеше Агим Нухиу.

Според адвокатот Еленко Миланов, Законот за амнестија е јасен и дециден и не важи за оние кои постапувале како организатори по сосема друга правна квалификација, а тоа е правната квалификација од член 324, додека во однос на сите оние за кои постои правна квалификација од членот 313, како терористичко загрозување на уставниот поредок, се наведени точно исклучоците за лица со оружје, лица со прикриен идентитет и лица што употребиле насилство во самото Собрание.

– Затоа и сите мои претходни изјави беа во насока дека овој предмет во однос на дел од лицата што ги застапував и чиј сум бранител, не можеше и не смееше ниту да биде поведено, ниту да биде одобрен обвинителниот акт, ниту да стапи на сила и да трае сите овие години – изјави Миланов.

Апелација двапати ја укина првостепената пресуда за организаторите, а на крајот Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција даде позитивно мислење и одлучи Законот за амнестија да важи и за Ристовски, за Јанакиески и за Вељаноски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот