
Судот денеска ги разгледува психијатриските вештачења за Штекли
На денешното судење за случајот „Штекли“, кој се однесува на организирана продажба на дрога во скопската населба Аеродром, пред Основниот кривичен суд Скопје ќе се разгледуваат психијатриските вештачења за обвинетиот Раде Трајковски – Штекли, доставени од одбраната и обвинителството.
Препорачано
Адвокатите тврдат дека Трајковски има психичко растројство со шизофрени елементи, халуцинации и со параноидни идеи, поради што не може да ја следи постапката. Обвинителството, пак, инсистира дека вештачењето, што го приложило, покажува дека тој е без психоза и способен да учествува во судењето.
Судијата Илија Трпков на претходното рочиште најави дека ќе ги повика експертите од двете страни за директно да ги споредат нивните наоди. Судот потоа ќе одлучи кое мислење ќе го прифати или дали ќе побара ново психијатриско вештачење, доколку има потреба.
Минатиот пат четворица обвинети – Данчо Масев, Димитар Трајков, Владимир Веселиновски и Бранислав Зајков – признаа вина, по што постапката за нив беше раздвоена.
Обвинението на Обвинителството за организиран криминал опфаќа 10 лица, по едногодишна истрага со примена на посебни истражни мерки. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од 3 до 3,5 години.
Обвинителството тврди дека групата имала јасно поделени улоги – од набавка до продажба на кокаин и на марихуана. Дрогата се чувала во изнајмени станови, а се продавала по 4.500–6.000 денари за грам кокаин и 200–300 денари за грам марихуана.
Комуникацијата се водела преку апликацијата Снепчет, а клучните докази биле добиени со помош на системот „Cellebrite“ за анализа на мобилни телефони, обезбеден како донација од САД.