
Судиите во гард пред Мицкоски и неговиот „директ во чело“
Членовите на Судски совет избрани во Собранието за кои премиерот најави „директен удар во чело“ ќе одговорат со контраудар. Засега нема официјална изјава од ниту еден од членовите за кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ поднесоа интерпелации, но од она што може да се дознае неофицијално тие ќе одговорат откако ќе добијат црно на бело зошто е поднесена интерпелација за нивната работа.
Препорачано
Од Собранието за „Слободен печат“ велат дека интерпелациите веќе се испратени.
-Сакаме да ве известиме дека истите се испратени до членовите на Судскиот совет за кои се однесуваат интерпелациите. Според Деловникот за работа на Собранието, процедурата е јасно пропишана во член 47, 48, 49, 50, 51, 52 и 53, односно процедурата за интерпелација е иста за сите носители на јавна функција, Влада и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи – велат од Собранието.
Деловникот, всушност, предвидува претседателот на Собранието Африм Гаши да ги достави интерпелациите до петтемина членови од Судскиот совет избрани во Собранието и во рок од 10 дена да добие одговор дали тие ќе се изјаснат за содржаните наводи. Дури откако ќе помине овој рок, без разлика дали членовите на Советот што се избрани од Собранието ќе сакаат да се изјаснат или не, Гаши ќе може да ја закаже седницата, на која ќе се расправа по овие интерпелации.
Според овие рокови, очекувањата се дека седницата на која ќе се расправа за интерпелациите, би се одржала до крајот на месецов или на почетокот на март. Имајќи предвид дека на барањата за интерпелации се потпишани 67 пратеници, исходот е извесен, но сепак тоа не значи дека судиите Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми ќе заминат од овие функции.
Мицкоски се потпира на притисокот на јавноста
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски завчера изјави дека нема начин со сила да биде разрешен Судскиот совет, ниту членовите што се избрани од Собранието, а за кои е поднесена интерпелација.
– Може да не дадат оставки и покрај изгласаната недоверба. Сепак, борбата за промени во правосудниот систем ќе биде со притисок на јавноста – рече Мицкоски.
Тој потсети дека Собранието не го прифатило извештајот за работата на Судскиот совет и оти сега е логично пратениците да поднесат интерпелација на членовите на Судски што тие ги избрале.
Премиерот вели дека тоа нема да го изненади и тие, како политичари, можат да направат само јавен притисок, бидејќи цени дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав.
– Сосила ништо не можеме да направиме. Нив до последно ги штити законот. Се разбира, таков е законот, тие можат да си речат – ќе тераме додека не ни завршат мандатите.
Инаку, кои се алатките? Еве, за да нема дилема. Алатката е јавноста. Се бориме јавно. Вистината е најпрецизна во јавноста. Ќе се бориме со јавноста. Ценам дека јавноста не е задоволна од работењето на овој состав на Судскиот совет и мислам дека нема подобра алатка од јавноста. Апсолутно со јавен притисок – рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека се надева оти посочените судии ќе поднесат оставки.
– Мислам дека ќе бидат доблесни, доколку се изгласа интерпелацијата, односно доколку заклучокот на пратениците е да има промени таму, тие да си заминат – рече Мицкоски.
Избирањето нови членови на Судскиот совет, според него, ќе биде според законот што во моментот е во сила.
Од Советот на јавни обвинители не сакаат да прејудицираат
Во поднесените интерпелации за работата на членовите на Судскиот совет до претседателот на Собранието Африм Гаши се посочува дека се поднесуваат „заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина“.
По протестите за сообраќајката во која загина младата Фросина, на кои гневот на граѓаните беше насочен кон судството, премиерот преку Фејсбук најави дека пратениците ќе поднесат интерпелации за овие членови.
– Цениме дека треба да се удри во чело, да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции на, во случајот Собранието, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, таму каде што се избираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека, и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Но во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро – објави тогаш Мицкоски.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска не сакаше да прејудицира како би постапиле членовите на Советот доколку дојде ваква иницијатива и за нив.
– Не би можела да се произнесам, доколку има таква ситуација, би размислувале – рече Димитриевска.