Вучиќ со новинари во посета на повредените пациенти од пожарот во Кочани кои се лекуваат во Белград / фото: Фејсбук

Студентите поднесоа нова кривична против Вучиќ за посетата на повредените од Кочани

Студентите кои ги блокираа правните и медицинските факултети во Србија денеска поднесоа нова кривична пријава против претседателот Александар Вучиќ, за пречекорување на овластувањата кога, во март, во болница во Белград ги посети пациентите повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во придружба на дваесетина новинари, пишува РСЕ.

Потегот на српскиот претседател тогаш предизвика негативни реакции кај дел од тамошната јавност, како и критики дека посетата го зголемила ризикот од компликации кај пациентите со тешки изгореници, во чија близина инаку е забрането движење на луѓе од надвор поради опасноста од инфекции.

Студенти од Ниш минатиот месец веќе поднесоа кривична пријава против Вучиќ поради ова.

„Ова е отворено понижување на здравствениот систем, повреда на телата на пациентите, на Законот за заштита на личните податоци и, најважно, на човечкото достоинство“, рекоа студентите на блокадата пред Првото основно обвинителство во Белград.

По пожарот во дискотека во Кочани, Северна Македонија, во кој загинаа повеќе од 60 лица, некои од тешко повредените пациенти беа префрлени во Клиничкиот центар на Србија, на одделот за интензивна нега. Вучиќ, во придружба на некои медиуми, ги посети таму на 17 март.

Студентите велат дека бараат од Обвинителството „да постапи според законот“. Отстранувањето на оние што ги сметаат за одговорни за посетата на Вучиќ на пациентите од Кочани е едно од барањата на студентите кои со месеци блокираат десетици факултети во градовите низ Србија.

Клучното барање, кое предизвика бран масовни протести и блокади на факултетите, е да се утврди одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на крошната на реконструираната Железничка станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.

За време на седуммесечните блокади и протести, во кои учествуваа стотици илјади граѓани, студентите побараа и предвремени парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот