
Стотици менаџери на руски фондови го напуштаат Лихтенштајн во страв од казни
Под притисок од Соединетите Американски Држави, Лихтенштајн се соочува со сериозна криза во својот финансиски сектор. Ројтерс објави информации што предизвикаа загриженост, а вистинитоста на овие тврдења беше потврдена од неколку извори. Стотици богатства чувани во фондации поврзани со руски олигарси останаа без менаџер. Сценариото што се гледа е дека значителен дел од руското богатство сега ќе биде замрзнат, што предизвикува загриженост во Лихтенштајн и пошироко. Во земјата, една од најмалите и најбогатите земји во светот, постојат илјадници фондации за доверба врз кои се пресметуваат ниски даноци, прнесува Јутарњи лист.
Препорачано
Стотици од овие фондации се поврзани со Русите, потврдија за Ројтерс две лица со директно познавање на ситуацијата. По овие наоди, Лихтенштајн се најде во центарот на западните напори за санкционирање на Москва. По руската инвазија на Украина, Министерството за финансии на САД санкционираше неколку лица и фондации во Лихтенштајн за кои се утврди дека се поврзани со руски олигарси, вклучувајќи го Владимир Потанин и долгогодишниот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, Генадиј Тимченко. Стравувајќи од санкции, многу менаџери на фондации поднесоа оставки, оставајќи стотици фондации без надзор.
Сега се обидуваат да назначат нови менаџери за 350 фондации, додека 40 фондации се ликвидираат, а назначувањето ликвидатори за преостанатите 85 е неуспешно. Санкциите ги поттикнаа другите директори кои се плашат од таква казна да ги напуштат стотиците фондации поврзани со Русија, откривајќи многу поширок проблем со руските пари во малата земја со околу 40.000 жители. Оваа ситуација претставува сериозен предизвик за финансискиот сектор на Лихтенштајн, кој се потпира на фондациите како клучен елемент на нејзината економија вредна околу 930 милијарди американски долари. Банките во земјата исто така беа погодени, со оглед на тоа што санкциите на САД би можеле да го ограничат нивниот пристап до американскиот долар, што потенцијално може да предизвика поширока финансиска криза.