
Стојановски: Немавме друга опција, во второто полувреме беше договорено да одиграме малку позатворено
Најдобрите македонски фудбалери освоија важни три бодови на гостувањето во Астана против Казахстан и ги продолжуваат успешно квалификациите за пласман на Светското првенство 2026.
Препорачано
После храброто реми против Белгија во Скопје, не беа најдобри перформансите на нашите играчи на ова гостување особено во второто полувреме.
Казахстан напаѓаше во поголемиот дел од мечот кон голот на Димитриевски, но не дозволивме да биде затресена нашата мрежа.
Поради суспензијата на Благоја Милевски, македонските фудбалери од клупата ги предводеше едне од помошниците во стручниот штаб Роберт Стојановски.
– После оној натпревар кој беше доста интензивен против Белгија, и точно знаевме дека не можеме да играме две полувремиња во таков ритам. И во второто полувреме беше договорено да одиграме малку позатворено, да се поставиме во втора зона, со цел да ја зачуваме енергија до крајот на натпреварот. Во ситуација кога немавме друга опција, моравме да го направиме тоа. Во второто полувреме Казахстан играше добро, но сепак ние го држевме натпреварот под контрола, тоа што беше замислено го реализиравме, точно знаевме кои се квалитетите на репрезентацијата на Казахстан и ги неутрализиравме.
Секогаш сакаме да победиме, во врска со тактиката, зошто игравме со долги топки, целта ни беше што побрзо да го префрлиме тежиштето на играта на противничката половина со цел да дадеме простор на нашата задна линија да се освежи. Мора да се земе во предвид и фактот дека игравме тежок натпревар, имавме долг пат и дека игравме на вештачки терен, сè се тоа фактори кои влијаат за оваа ситуација – изјави Стојановски на прес-конференцијата по завршувањето на мечот.