
Стармер денеска официјално ќе го објави признавањето на палестинската држава од страна на Велика Британија
Британскиот премиер Кир Стармер денеска попладне, се очекува да објави во соопштение дека Велика Британија ја признава палестинската држава, пренесува ББС
Препорачано
Одлуката доаѓа откако премиерот во јули изјави дека Велика Британија ќе го промени својот став во септември доколку Израел не ги исполни условите, вклучително и прифаќање на прекин на огнот во Газа и посветеност на долгорочен одржлив мировен договор што овозможува решение за две држави.
Одлуката за признавање на палестинската држава претставува значајна промена во британската надворешна политика, откако претходните влади тврдеа дека признавањето треба да се случи како дел од мировниот процес и во моментот на најголемо влијание.

Одлуката предизвика остри критики од израелската влада, семејствата на заложниците и дел од британските конзервативци.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно изјави дека таков потег би „го наградил тероризмот“.
Наспроти ова британските министри тврдат дека постои морална одговорност да се дејствува за да се одржи надежта за долгорочен мировен договор, наведува ББС.
Владини извори во Лондон , како што пренесува ББС , изјавиле дека ситуацијата на терен значително се влошила во последните недели, повикувајќи се на снимки што прикажуваат глад и насилство во Газа, што премиерот претходно ги опиша како „неприфатливи“.

Министрите, исто така, го посочија континуираното проширување на израелските населби во окупираниот Западен Брег, кои се нелегални според меѓународното право, како клучен фактор во одлуката за признавање на палестинската државност.
Биританскиот министер за правда, Дејвид Леми, кој беше министер за надворешни работи во јули кога беше објавен патот кон признавање, го спомена контроверзниот проект за населба Е1, за кој критичарите предупредуваат дека ќе ги згасне надежите за одржлива, обединета палестинска држава.

Лидерот на Конзервативната партија, Ками Баденох, рече дека сака да види решение за две држави на Блискиот Исток, но предупреди во статија за британскиот Телеграф дека признавањето на палестинска држава „во овој момент и без ослободување на заложниците би било награда за тероризмот“.
Во меѓувреме, во отворено писмо до премиерот Стармер , членовите на семејствата на некои од заложниците киднапирани од Хамас го повикаа премиерот да не презема мерки додека не бидат ослободени преостанатите 48 заложници, од кои се верува дека 20 се уште се живи.
Тие напишаа дека објавувањето на признавањето „драматично ги комплицира напорите за враќање на нашите најблиски дома“ и дека Хамас веќе ја прославил британската одлука како победа и го прекршил договорот за прекин на огнот.
За време на државната посета на Велика Британија оваа недела, американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, рече дека не се согласува со признавањето, пишува Би-Би-Си.