Фото: Мета.мк

Стаорци во тоалетите, инсекти во храната, секнати чешми – студентите живеат во ужасни услови во „Пелагонија“

Низа проблеми го отежнуваат животот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје. Недостаток на топла вода, нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите, протечени ѕидови и намален квалитет на храната, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат станарите во овој јавно-приватен студентски дом, пишува „Мета“.

Домот речиси еден месец функционира без директор, откако последниот поднел оставка во октомври, а нов управител сè уште не е назначен. Поради тоа, нема кој да стави потпис на одлуките и да ги „повлече конците“ за решавање на студентските маки.

„Најпрво, стануваме наутро, се миеме со мраз ладна вода – се разбира, доколку имаме воопшто вода. Во тоалетот ако пуштиш вода, чекаш цел час за да се наполни повторно. Потоа, тргнуваме за на факултет пешки секое утро од осми кат бидејќи нема лифт за надолу. А откако ќе се вратиме од факултет, мртви гладни се молиме в менза да има нешто добро за јадење“, го опишува еден студент животот во „Пелагонија“.

Пелагонија – студентски дом / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Немањето топла вода во делови од зградата го отежнува одржувањето на личната хигиена, а постојано расипаните лифтови ја зголемуваат напнатоста кај студентите кои живеат на повисоките катови.

„Кај мене има топла вода само до 11 часот наутро. На погорните спратови да не правиме муабет. Немаат притисок за ладна вода, а камоли топла“, вели друг студент.

„Мајсторите доаѓаат само за да видат каков е проблемот, но си заминуваат без да најдат решение. Ни течеше вода во собата и после пет пријавувања мајсторите дојдоа да ни кажат дека нема што да се направи. Така, водата продолжи да си тече“, сведочат група студенти сместени во овој студентски дом.

Студентите до Мета.мк доставиле и низа фотографии на кои се гледаат инсекти во храната која наводно ја добиле во студентската менза.

Фото: Мета.мк

Слики со измет од стаорци, пак, сведочат за присуството на овие непосакувани гости.

Овие околности не влијаат само на академскиот успех, туку и на психолошкото здравје, зголемувајќи го чувството на немоќ и занемареност кај студентите.

„Во ваква мизерија не се живее, психички ќе се испореметиме. Па само болни сме од ова капење со ладна вода. Прашање на време е кога ќе завршиме во болница. Уличните кучиња имаат подобри услови, верувај“, вели револтиран студент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот