Стано: ЕУ е свесна за гласањето на Србија против Косово

Портпаролот на Европската унија Петер Стано изјави дека бриселските институции „се свесни“ оти Србија гласала против барањето на Косово за членство во Советот на Европа.

Стано сепак не сакаше да одговори на прашањето дали ЕУ оваа постапка ја смета за прекршување на Договорот за нормализација на односите што Косово и Србија го постигнаа на почетокот на годинава.

Косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 27 февруари во Брисел се договорија за Договорот за нормализација на односите. Во меѓувреме, на 18 март во Охрид го договорија Анексот за имплементација на овој договор.

Во членот 4 од овој договор стои дека Србија нема да се противи на членството на Косово во меѓународните институции.

И покрај тоа што Курти и Вучиќ не го потпишаа договорот, ЕУ го смета тој договор и прогласи дека документот е правно обврзувачки за двете страни.

„Дискусиите за потпишување [договори] се целосно бесмислени и неважни. Постои посветеност на највисоко политичко ниво и таа посветеност сега стана обврзувачка во процесот на пристапување за двете страни. Напредокот во дијалогот и спроведувањето [на договорите] ќе се одрази на нивното европско патување [на Косово и Србија]“, рече Стано.

Портпаролот на ЕУ потврди дека договорот постигнат во Охрид сè уште важи и дека фокусот на сите треба да биде на имплементација на сите досега постигнати договори во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, со кој посредува европскиот блок.

Министерскиот комитет на Советот на Европа на 24 април гласаше за проследување на барањето за членство на Косово до Парламентарното собрание на оваа институција.

За оваа одлука беа 33 гласа за, седум против и пет воздржани.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред да се одржи гласањето во Советот на Европа, посочи дека неговата земја ќе гласа против членството на Косово во оваа институција.

Косово аплицираше за членство во Советот на Европа на 12 мај 2022 година.

Советот на Европа е најстарата европска организација која се занимава со развојот на демократијата и човековите права. Оваа организација има одредени процедури за прием на нови членови. Овие процедури минуваат низ Советот на министри и Парламентарното собрание, каде што учествуваат пратеници од парламентите на земјите-членки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот