
Српската војска упати протест до КФОР поради испораката на турски дронови на косовските сили
Началникот на Генералштабот на српските вооружени сили, Милан Мојсиловиќ, упати протест до командантот на КФОР, Озкан Улуташ, генерал на турската армија, поради континуираното вооружување на косовските безбедносни сили и бруталното кршење на Резолуцијата 1244 на Обединетите нации и Воено-техничкиот договор, пренесе Нова.рс.
Препорачано
Во соопштението на српската армија се наведува дека, во врска со континуираното вооружување на косовските безбедносни сили, овој пат со турски беспилотни летала „Skydagger RTF 15“, началникот на Генералштабот на српската армија, генерал Милан Мојсиловиќ, имал итен телефонски разговор со командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ.
Мојсиловиќ, како што е наведено, изразил „силен протест против континуираното вооружување на таканаречените косовски безбедносни сили и бруталното кршење на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и Воено-техничкиот договор“.
„Началникот на Генералштабот истакна дека ваквите потези претставуваат многу лош сигнал и ја загрозуваат не само безбедносната состојба во Косово и Метохија, туку и целиот регион на Западен Балкан“, соопшти Министерството за одбрана.
Мојсиловиќ повтори дека Србија, во согласност со меѓународното право, резолуцијата на ОН и сите други потпишани договори, го смета КФОР „како единствена легитимна вооружена формација на територијата на Косово и уште еднаш побара меѓународните сили доследно и непристрасно да го спроведуваат својот мандат и да обезбедат безбедна средина, како и слобода на движење за сите, а пред сè за српската заедница во Косово.
Улуташ е генерал во Турските вооружени сили, кој го започна својот втор мандат како шеф на меѓународните безбедносни сили во Косово и Метохија (КФОР) пред неколку дена.