
Средба Сиљановска – Радев: Билатералните спорови да се решаваат во рамки на принципите и вредностите на ЕУ
Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова информираат за средбата со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан, откако бугарската телевизија БНТ објави кратко видео од средбата на двајцата претседатели во кое тие се осврнаа на односите меѓу двете соседни земји и насоката во која тие би требало да се одвиваат во наредниот период.
Препорачано
Едночасовниот разговор се одвивал во конструктивна атмосфера и претседателите разговарале за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
„Двајцата соговорници ги изложија своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции. Претседателката ја подвлече важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочи дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија“, соопштија од кабинетот на претседателката.
Таа нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.
„Бугарскиот претседател Радев укажа на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање. Во разговорот двајцата соговорници се согласија за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави“, соопшти кабинетот на претседателката.
Средбата на Сиљановска и Радев во Баку е втора по посетата на Сиљановска на Софија во рамки на заложбите за културна дипломатија како начин за соработка меѓу двете соседни земји при гостувањето на Националната опера и балет со претставата „Набуко“ на сцената на софиската опера на 13 септември.
Срдечната прва средба меѓу двајцата претседатели ја засени скандалот со неистакнувањето на македонското државно знаме на фотосесијата во кабинетот на бугарскиот претседател поради кој одново се нарушија кревките македонско – бугарски односи откако новата влада во Скопје реши на сметка на европскиот пат на државава да не ги вклучи Бугарите во македонскиот устав со надеж дека со новата бугарска влада во Софија ќе репреговара решение во насока на одложено дејство на уставните измени откако Македонија ќе стане членка на ЕУ.
Инаку услов за одржување на втора меѓувладина конференција и отворање на кластерите од преговорите на Македонија со ЕУ е Бугарите да бидат вклучени во Уставот.
Сиљановска и Радев се сретнаа во Баку: Отворени ви се вратите во Скопје