
В петок средба на украинската и американската делегација во Њујорк
Украинската делегација ќе се сретне со тимот на американскиот претседател Доналд Трамп во петок, 29 август, и ќе разговара за безбедносните гаранции за Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во вечерното видео обраќање.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Денес продолжува нашата дипломатска работа – работата на нашата канцеларија, Министерството за надворешни работи, Советот за национална безбедност и одбрана – со партнери кои ја поддржуваат потребата од формат на лидерско ниво – формат за завршување на војната. Лидерското ниво ни овозможува да разговараме за клучни прашања – токму ова ниво ни е потребно“, рече Зеленски, според украинскиот портал РБЦ.
Тој, исто така, истакна дека „сите гледаат многу смели негативни сигнали од Москва“ во врска со преговорите.
„Русите нема да го исполнат она што го ветија и им го ветија на Соединетите Држави, им го ветија на другите во светот кои инсистираат на запирање на убиствата и на вистинска дипломатија. Мора да извршиме притисок. Мора да ја принудиме Русија да преземе правилни чекори. Русија мора да ја заврши војната што ја започна, која пак во овој момент ја продолжува“, нагласи украинскиот претседател.
Според него, Русите мора да бидат под притисок да го дадат вистинскиот одговор. И тоа, оцени тој, зависи од САД и „сите оние кои веруваат дека оваа војна е навистина погрешна“.
„Што се однесува до нас, ние ќе бидеме што е можно поподготвени – со места кои се подготвени да бидат домаќини на состанокот и да гарантираат ефикасна дипломатија“, додаде Зеленски.
Тој истакна дека во вторник, началникот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, биле на состаноци во Катар, особено во врска со медијацијата во преговорите со Русија.
„Во петок во САД поточно во Њујорк, ќе има состаноци со тимот на претседателот Трамп. Ќе бидат вклучени сите што работат на содржината на безбедносните гаранции – воените, политичките, економските компоненти на безбедносните гаранции“, рече Зеленски.
Според него, задачата е да се забрзаат безбедносните гаранции за Украина колку што е можно повеќе, за да може да биде и лост на влијание врз Руската Федерација.
„Русите треба да видат колку сериозно светот го сфаќа ова и колку лоши ќе бидат последиците за Русија ако војната продолжи“, нагласи Зеленски.
Украинските медиуми претходно објавија дека украинска делегација ќе пристигне во Соединетите Држави оваа недела и ќе се сретне со специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф.
Од украинска страна, шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, ќе учествуваат во преговорите.
Покрај разговорите за безбедносните гаранции, на дневен ред ќе биде и можна претстојна билатерална средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин.
Претходно, во интервју за американските медиуми, Виткоф потврди дека ќе се сретне со украински претставници во Њујорк оваа недела. Според него, страните ќе разговараат за следната фаза од завршувањето на војната.
Тој претходно изјави дека Соединетите Држави очекуваат да постигнат крај на војната во Украина и на Блискиот Исток до крајот на оваа година.