
Србин во „Ауди“ со жена и две деца поминал граница без да запре, го фатиле кај Смоквица и го пратиле во психијатриска болница
42-годишен Србин вчера претпладне со автомобил „Ауди“ во кој биле неговата сопруга и двете малолетни деца, го преминал граничниот премин „Богородица“ и влегол во Македонија од Грција, без да запре и да покаже какви било документи, соопшти МВР. Тој бил фатен на наплатната рампа кај гевгелиското село Смоквица, по што бил задржан во психијатриската болница во Негорци.
Препорачано
„На 02.04.2025 во 10:27 часот на Граничниот премин „Богородица“, патничко возило „ауди” со српски национални ознаки, ја избегнало граничната контрола, односно без да запре и да му се извршат гранични проверки и царинска контрола, преку лентата за автобуси, остварило влез и се упатило по автопатот во правец кон Скопје. Исто така и од Граничниот премин Евзони – Р.Грција било известено дека возилото на ист начин ја избегнало граничната контрола и на грчката страна. По преземени мерки возилото било запрено на наплатна рампа „Смоквица“. По извршената контрола, констатирано било дека возилото било управувано од Н.Т. (42) од Р.Србија, а во возилото сопатници биле неговата сопруга и две малолетни деца. Н.Т. е приведен и привремено згрижен во психијатриската болница во Негорци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, пишува во полицискиот билтен.