
„Србија против насилството” по деветти пат: Или ќе запре насилството или ќе запре Србија
Илјадници граѓани и вечерва се собраа на деветтиот протест „Србија против насилството” во Белград и од пред Собранието му упатија порака на претседателот на државата: „Вучиќ оди си”.
Граѓаните се собраа пред зградата на Собранието каде што со силен аплауз ги дочекаа студентите, по што се упатија до зградата на телевизијата Пинк на која синоќа беше поставено српско знаме преку целата зграда.
Препорачано
На насобраните граѓани им се обрати спортскиот коментатор Смилјан Бањац и рече дека масовните трагедии што се случија во Србија биле аларм за будење, но власта тоа не го сфатила.
-Наместо тоа добивме само навреди и напади. Се напаѓаат актери, новинари, професори, студенти. Граѓани кои само скаат Србија без насилство. Добивме одолжување на собраниската седница и најава на нова ријалити програма. Е затоа денеска одиме сите заедно за да испратиме јасна и силна порака – ријалити нема да има! Доста беше играње со животите на нашите деца и нивната иднина – рече Бањац.
Тој пред граѓаните кажа дека никој нема ништо против Жељко Митровиќ и неговата телевизија, но има против тоа да се користи она што им припаѓа на сите – ресурси, национална фрекфенција за целодневно сеење омраза и насилство.
– Ова не е само ваша дедовина па да ја делите меѓу себе. Ова е наша земја и имаме право да бидеме прашани. Насилство и зло растат во тишина, мрак и страв. Со години сакаат да не уплашат, замолчат и да не држат во тој мрак. Вечерва порачуваме дека никогаш веќе нема да молчиме на насилството и неправдата. Ќе истраеме до крај. Ако не им е доволен гласот на стотина илјади граѓаниза да ги исполнат барањата, цела Србија ќе запре. Или ќе запре насилството или ќе запре цела Србија – порача Бањац.
Граѓанските протести „Србија против насилството“ продолжи вчера со блокада на сообраќајници во Белград и Нови Сад, а протестни собири беа одржани во уште седум града низ Србија.
Во Белград синоќа со споро возење во две колони со автомобили беше блокиран дел од автопатот од наплатните рампи во насока од границата со Хрватска и од насока на Ниш, а блокадата заврши кај Сава центар во Белград.
Демонстрантите во Нови Сад ги блокираа сите шест ленти во двете насоки на автопатот од Белград до Суботица, со еден инцидент кога автомобил со унгарски дипломатски таблички се обидел да ја пробие блокадата, но соочен со решителноста на демонстрантите се откажал.
Претставниците на опозицијата вчера истакнаа дека целта на блокадата е предупредување дека барањата на граѓаните на протестот „Србија против насилството“ мора да бидат исполнети.
Демонстрантите бараат смена на министерот за внатрешни работи и шефот на Безбедносно-информативната агенција и смена на советот на националниот регулатор за електронски медиуми (РЕМ) и врвот на јавниот телевизиски сервис РТС.
На листата барања е и гасење на провладините таблоиди кои пропагираат и поттикнуваат насилство, омраза и неморал и одземање на националните фреквенции на две телевизии и укинување на ријалити програмите со кои се промовира насилство.