
Србија набавува беспилотни летала и моќен артилериски систем од Израел
Србија за потребите на својата армија набавува софистицирани ракетни, артилериски системи земја-земја но и беспилотни летала од Израел во вредност од 335 милиони долари.
Препорачано
Оваа информација не е официјално потврдена од српскиот државен врв, иако претседателот Александар Вучиќ во своето неодамнешно обраќање во јавноста истакна дека Србија потпишала договор за набавка на високо способни ракетни и артилериски системи со одредена земја, но без притоа да го наведе производителот на оваа опрема.
Во меѓувреме, случајно или не, израелската компанија „Елбит системи“ неделава објави дека склучила договори во вредност од 335 милиони долари со „неименувана европска земја“ за набавка на ракетниот систем земја-земја ПУЛС (PULS-прецизен и универзален систем за лансирање) и борбени беспилотни летала од типот „Хермес“ 900.
Според „Елбит“, испораката на сè што е наведено во овие договори треба да трае три години и шест месеци од датумот на потпишување.
Според пишувањата на српскиот портал „Танго-шест“ набавката на Србија на ваков вид опрема е одговор за најавата на Хрватска да го купи американскиот ПВО систем ХИМАРС.
– Тоа е најсофистицираното оружје на светот, со директна комуникација преку командниот центар од дронот до ракетната артилерија која веднаш стрела кон зададеното место и уништува сè. Без грешка. Посилно е од ХИМАРС. Тогаш ќе разберете што купуваме – изјави Вучиќ.
Покрај новиот артилериски систем, Србија набавува и нови дронови, кои би требало да бидат значително понапредни од постоечката флота со која располагаат вооружените сили на Србија.
Иако не е наведен производителот на овие беспилотни летала, сугестивна е најавата на компанијата.
„Елбит системи“ важи за една од водечките израелски компании од воената индустрија. Дронот Хермес 900 е повеќенаменско беспилотно летало на компанијата, дизајнирано за извршување на широк опсег на мисии, вклучувајќи воздушна супериорност во областа на извидување, испраќање разузнавачки информации, надзор, откривање цели.
Според компанијата „Елбит системи“, беспилотното летало „Хермес 900“ го поседуваат над 20 клиенти ширум светот.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) нашироко го користат беспилотното летало Хермес 900 во конфликтите на Блискиот Исток.
Според јавно достапните странски извештаи, цената на беспилотното летало „Хермес 900“ е околу седум милиони долари по летало, а на таа цена треба да се додадат трошоците за копнената командна станица, опремата за поддршка, резервните делови и обуката на операторите.
Бидејќи еден систем „Хермес 900“ се состои од три беспилотни летала и командна станица, се постигнува сума од околу триесет милиони долари за комплетниот систем.
Претседателот и извршен директор на „Елбит системи“ Безхалел Мачлисs, рече: „Горди сме што го поддржуваме нашиот европски клиент со напредни и разновидни одбранбени решенија кои ја подобруваат оперативната ефикасност и приспособливост.
Овие договори ја одразуваат глобалната доверба во нашите иновативни системи, како што се ПУЛС и ХЕРМЕС 900, кои се дизајнирани да задоволат широк опсег на барањата на земјата за мисија.
Инаку односите на релација Тел Авив-Белград се интензивираа со избувнувањето на војната во Газа и Либан, бидејќи од тој момент извозот на оружје од Србија во Израел нагло се зголеми.