
Србија го запира извозот на воена опрема, одлуката ја донесе Вучиќ по руските обвинувања
Министерството за одбрана на Србија соопшти дека, по наредба на претседателот Александар Вучиќ, се става мораториум на извозот на оружје и воена опрема произведени во земјата. Одлуката, како што се наведува, е донесена во согласност со упатствата на врховниот командант на вооружените сили и претседател на Советот за национална безбедност.
Препорачано
Во иднина, за секој извоз на оружје и воена опрема, покрај согласноста од надлежните министерства и агенции, ќе биде потребна и обврзувачка согласност од Советот за национална безбедност, согласно член 16, став 4 од Законот за извоз и увоз на оружје и воена опрема.
Позадина: Неформални обвинувања за испораки во Украина и Израел
Иако во официјалното соопштение не се наведуваат конкретни причини за ваквиот потег, се претпоставува дека одлуката е поврзана со неодамнешни медиумски извештаи и разузнавачки информации за тоа дека оружје произведено во Србија завршило во Украина и Израел.
Руската Надворешна разузнавачка служба денеска соопшти дека украинската војска е „многу благодарна“ за српското оружје и муниција, кои, според нивните тврдења, играат важна улога во одржување на борбената готовност на украинските сили. Информациите беа пренесени од неколку руски и регионални медиуми.
Брнабиќ: Србија мора да го продава тоа што го произведува
Во одбрана на легалната трговија со оружје, претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ синоќа изјави дека и е жал за војните, но отворено додаде:
„Србија мора да го продава тоа што го произведува, а тоа се оружје и муниција. Ние не можеме да го складираме сето тоа, ниту да го уништуваме.“
Нејзината изјава следеше по критиките за можно испраќање оружје во Израел, во време кога тензиите на Блискиот Исток се во ескалација.