
Според психолозите: Три суптилни, но важни знаци дека раскинувањето на љубовната врска е блиску
Анализа спроведена годинава, врз основа на четири претходни американски лонгитудинални студии, опфатила над 10.000 лица и открила јасен образец: задоволството од врската не опаѓа нагло само на крајот, туку минува и низ фаза на „терминален пад“. Тој пад започнува години пред разделбата, со побавна претерминална фаза, а потоа следи поостар пад во месеците пред раскинот, пишува „Живим“.
Препорачано
Истражувањето открило и дека задоволството од врската се намалува побрзо од општото задоволство од животот. Најтешко го доживуваат партнерите кои не ја иницирале разделбата.
Иако истражувањето сугерира јасно движење кон крај, повеќето луѓе не ги препознаваат знаците додека не биде предоцна. Како што вели американскиот психолог Марк Траверс за порталот „Психолоџи тудеј“, наместо да се обидат да ги разберат, луѓето наоѓаат оправдувања како: „Само премногу размислувам за тоа“ или „Можеби сум само уморен/на“.
Траверс истакнува три суптилни знаци кои може да откријат дека сте веќе во фаза пред прекин, иако тоа не сте го освестиле. Тој препорачува секој искрено да се запраша дали врската сè уште е негов избор или ја одржува од навика.
Прв знак: Чувствувате олеснување кога замислувате самечки живот
Маштаењето за слобода често се појавува пред прекин – не затоа што сакате да ја повредите личноста со која сте во врска, туку затоа што сакате повторно да се чувствувате како некогаш. Наместо заедничка иднина, почнувате да замислувате живот според сопствени услови. Се прашувате како би било да се разбудите без врската што ве оптоварува, без постојаниот емоционален напор.
@Кога поради тоа оптоварување и напор ќе настапи исцрпеност, луѓето ретко забележуваат како навистина се чувствува нивното тело. Престануваат да се борат бидејќи немаат енергија постојано да се обидуваат. Не започнуваат важни разговори, не се трудат да поправат што е скршено, ниту да изградат врска која видливо ги губи темелите“, објаснува психологот.
Истражување од 2024 година, објавено во списанието „Бихејвиорал сајенсис“, анализирало одговори од 401 брачен пар и открило дека оние со помала самосочувствителност, пониска ефикасност во врската и помала среќа, пријавиле значително поголемо ниво на „согорување во пар“. Брзиот пад на среќата се појавил како најсилен предиктор на таквото согорување – повеќе дури и од приходите, времето поминато во брак или бројот на деца. Согорувањето во врска не секогаш се манифестира како конфликт – често произлегува од постепено трошење на емоционалните ресурси. Не затоа што љубовта исчезнала, туку затоа што исчезнала способноста да се носи товарот на таа љубов.
Втор знак: Постојано сте емоционално уморни
Кога во врска постојано смислувате изговори или размислувате за сите оние моменти кога можевте нешто да кажете, а не сте, телото почнува да тагува уште пред умот да ја обработи ситуацијата, вели Траверс.
„Во таа фаза, емоционалниот напор станува поголем од самата врска. Во овој момент веќе не сакате ни да се обидете да ги поправите скршените делови. Единственото што ве интересира е да се разбудите доволно одморени за да го истуркате денот“, додава психологот.
Истражување од 2023 година, објавено во списанието „Семејни односи“, открило дека кај паровите во кои и двајцата се вработени, емоционалната исцрпеност не доаѓа само од надворешни стресови, туку и од нерамномерна поделба на „емоционалната работа“ во врската. Значително поголем замор пријавувале партнерите кои го преземале одржувањето на „мирот“ – најчесто жените. Оваа нерамнотежа постепено расте, особено кога премолчувате за нешто важно само за да избегнете расправија. Внатрешно чувствувате немир, иако надворешно се преправате дека сте смирени.
Студија од 2018 година следела нивоа на стрес и замор кај парови во реално време пет дена. По емоционално напнати интеракции, особено негативни, и двајцата партнери пријавувале зголемен замор, дури и без отворена кавга. Тоа покажува дека за емоционалниот замор не е потребна криза, доволни се повторувања на нерешени ситуации што телото ги бележи, без можност да ги изрази.
„Ако сте уморни од претварање дека сè е во ред, особено кога вашето тело веќе знае дека не е, тоа може да биде знак дека врската се ближи кон крај“ предупредува Траверс.
Трет знак: Се прашувате дали треба да си заминете
„Да останам или да си одам“, се прашуваа многумина и не најдоа одговор. Ако сè почесто се фаќате себеси како размислувате зошто воопшто останавте во врската, можно е дека сте влегле во фаза пред прекин. Во тие моменти личноста почнува да прави „биланс“ – добрите моменти ги става наспроти лошите, а плановите за иднина наспроти старите грешки. Се чувствува како таа единствена да се труди, секој ден сè поосамено. Можеби нема очигледна причина за заминување, едноставно нема доволно причини за останување. А таа празнина почнува да тежи.
„Некои денови може да се чувствувате усидрено и мирно, а други денови не ве остава чувство дека нешто темелно не функционира меѓу вас и вашиот партнер. И тоа внатрешно ‘влечење на јажето’ не престанува“, вели Траверс.
Истражување од 2024 година во списанието „Емоушн“ покажа дека луѓето со вакви внатрешни конфликти често страдаат од ментална патња, осцилирајќи меѓу желба за блискост и повлекување, меѓу замислување заедничка иднина и чувство на фрустрација. Оваа амбивалентност не само што носи збунетост, туку и суптилно го обликува секојдневното однесување – преку претерано размислување или емоционално дистанцирање.
„Ако постојано ви се наметнува прашањето: ‘Дали треба да си одам?’, тогаш тоа веќе не е прашање. Тоа е одговор што се обидувате да го игнорирате“, вели Траверс.
Понекогаш најјасниот знак дека врската завршува не е она што се случува меѓу вас, туку она што веќе не се случува во вас. А токму тој дел луѓето најдоцна го согледуваат.