Активисти протрестираат за спас на реката Дошница/Фото: Фејсбук

ВИДЕО | „Спас на Дошница“: Владата го продолжи рокот за изградба на мали хидроелектрани и покрај негативните еко-последици

Пред повеќе од две недели активисти и организации од цела Македонија започнаа секојдневно да се собираат на местото викано Смрдлива Вода во знак на протест против најавата за изградба на хидроелектрани. Од движењето „Спас на Дошница“ денеска објавија дека и покрај протестите, владата вчера не изгласа против, туку го продолжи рокот на уште една година за изградба на две мали хидроелектрани на Дошница – МХЕЦ Баров Дол и МХЕЦ Папрад.

-На седница на Владата, на барање на приватната фирма „Хидро Дошница“ ДОО Скопје, беше одлучено да се продолжи рокот за изградба и пуштање на работа до 6 април 2026 година, преку потпишување на Анекс на концесискиот договор. Тоа значи дека државата и понатаму дава поддршка за изградба на мали хидроелектрани во срцето на природата и покрај негативните еколошки последици што овие проекти ги носат по реките, биодиверзитетот и локалната заедница- информираа организаторите.

ВИДЕО | Протест за спас на реката Дошница: Нема да дозволиме најчистата река во Македонија да стане пустина!

Тие напоменаа дека Дошница е еден од ретките природни бисери со кристално чиста вода и уникатна флора и фауна, а со продолжувањето на ваквите концесии директно се загрозува природата.

Министерот за животна средина Изет Меџити во гостување на телевизија 24 на оваа тема одговори дека не знае кои се газдите кои сакаат да ги изградат хидроелектраните и посочи дека тие не добиле дозволи сега, туку пред неговиот мандат.

„Јас не знам кој е газдата, а тоа најодговорно го тврдам. Во принцип тие хидроцентрали, како и многу други, претходно ги имаат добиено дозволите. Така што тие не се сега направени во наше време, туку се наследени. Ние секогаш кога имаме инвестиција или животна средина, секогаш даваме предност на животната средина. Како и во сите случаи кога се наштетува на здравјето на граѓаните и на животната средина, тука сме првично да одговориме во интерес на граѓаните.“, рече министерот.

Во протестот се вклучи и поранешниот министер за здравство и коалиционер на Меџити, Арбен Таравари кој обвини дека Меџити се финансира од казина и кладилници, особено од „Спортлајф“, на што Меџити му возврати дека дозволите за овие хидроцентрали се издадени кога токму тој бил дел од Владата.

ФОТО: Активисти се собраа за спас на најчистата река во Македонија: Дошница не ја даваме!

Од организациите кои секојдневно протестираат против изградбата на електраните напоменале дека изградбата на мали хидроелектрани е веќе забранета во Босна и Херцеговина и во Црна Гора и дополнително информираа дека денеска ќе се сретнат со државен инспектор за животна средина, со кого ќе разговараат за веќе усвоеното барање за прогласување на долното течение на Дошница за заштитена зона.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот