
Советник на Макрон добивал смртни закани зашто ја поддржувал Палестина
Офер Бронштајн, советник на францускиот претседател Емануел Макрон, изјави дека добил смртни закани откако јавно го поддржал признавањето на палестинска држава. Неговите зборови ги објави порталот „Еурактив“.
Препорачано
Според него, ставот на Франција за палестинското прашање во Израел се перцепира како „многу лош“, додека израелските власти се обидуваат да ја убедат јавноста дека признавањето на Палестина би значело поттикнување на антисемитизмот и наградување на радикалното движење Хамас.
„Затоа ставот на Франција и претседателот Макрон се демонизира. И јас добивав смртни закани“, рече Бронштајн.
Советникот е близок соработник на претседателот Макрон за прашањата на Блискиот Исток и долгогодишен активист во областа на израелско-палестинскиот дијалог. Неговата изјава доаѓа во време кога Франција сè повеќе отворено се залага за ставот дека признавањето на палестинската државност е неопходен политички чекор.
Неодамна беше објавено дека Макрон го гледа признавањето на Палестина како инструмент за притисок врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, чии ставови во врска со војната во Газа привлекуваат сè поостри критики во Европа.
Во исто време, беше објавено дека претставници на десет земји на Генералното собрание на ОН ќе издадат заедничка изјава за признавање на палестинска држава, вклучувајќи ја и Франција. Овој чекор се толкува како силен сигнал дека европските земји се обидуваат да го артикулираат својот пристап кон конфликтот на Блискиот Исток, независно од ставовите на САД и Израел.