Сексуално насилство/Илустративно фото: Tinnakorn Jorruang / Alamy / Profimedia

Советот на Европа алармира за неказнивост на сексуалното насилство во Франција

Советот на Европа денеска изрази загриженост за празнините во заштитата на жените во Франција и покрај „напредокот“ и предупреди дека постои зголемување на сексуалните напади и ниски стапки на кривично гонење.

Во извештај, Групата експерти за акција против насилство врз жените и семејно насилство на Советот на Европа, која го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, го повикува Париз да преземе „итни мерки“.

Групата, позната како ГРЕВИО изразува „особена загриженост“ за ниската стапка на гонење на сторителите на сексуално насилство: 83 отсто од овие случаи не се гонат, а во случаите на силување оваа бројка достигнува до 94 отсто.

– ГРЕВИО ги повикува француските власти да преземат силни мерки за да обезбедат сексуалното насилство да се гони пошироко, особено преку подобрување на истрагите и собирањето докази – забележуваат авторите на извештајот.

– Исто така, потребно е да се анализираат причините за намалувањето на стапката на гонење во случаите на силување и да се донесе дефиниција за сексуално насилство врз основа на недостатокот на согласност од жртвата.

Групата е исто така загрижена за зголемувањето на нападите врз девојчиња и млади жени, повикувајќи се на податоци од Националната опсерваторија за насилство врз жените, според кои „повеќе од половина од жртвите на сексуално насилство и силување во 2022 и 2023 година биле малолетници“. Бројот на млади сторители е висок, додава ГРЕВИО, укажувајќи на растечкото придржување кај младите мажи кон стереотипите за „машкост“ промовирани на социјалните медиуми.

Во овој прв тематски извештај за спроведувањето на Истанбулската конвенција од страна на Франција, ГРЕВИО признава „напредок на законодавно ниво што ја зајакнува заштитата на жените и на нивните деца“.

Експертите го поздравуваат воведувањето нови мерки, какви што се електронски нараквици за следење на родово базирано насилство, итна помош за жени што ги напуштиле своите насилни партнери и таканаречениот „пакет за нов почеток“ насочен кон брзо ослободување помош за овие жени.

Советот на Европа, кој има 46 земји членки, е чувар на демократијата и на човековите права на континентот. Речиси 40 земји ја ратификуваа Истанбулската конвенција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот