
Сопственикот на „Пуцко петрол“ по Шутка фотографиран на Босфор – како добил пасош?
Сопственикот на „Пуцко петрол“ Асмир Јахоски кој е осомничен за злоупотреби со мазутот, еден месец откако излезе од притвор во Шутка викендов се појави на фотографии со дел од семејството на Босфор во Турција. Утрово се пријавил во Кривичниот суд со издадена времена патна исправа и ја исполнил обврската за редовно пријавување во суд.
Препорачано
Од Кривичниот суд соопштија дека во текот на мај, осомничениот доставил барање за враќање на патната исправа, односно издавање на нова, но Кривичен му го одбил барањето. Јахоски пак се жалел, па предметот доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.

Од Апелација најавија одговор на прашањето за патната исправа на Јахоски.
Откако Јахоски се појави на фотографија, веднаш реагираше ВМРО-ДПМНЕ од каде обвинија дека Јахоски ја отрул и украл државата и се шета на Босфор.
-Асмир Јахоски кој го оштети Буџетот на државата за неверојатни 167 милиони евра и за кого се води постапка, моментално ужива на Босфор. Откако доби домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло, синот на пратеникот на ДУИ, сега можеме да го видиме по медиумите дека е на Босфор, Турција. Судиите избрани од ДУИ и СДС, му го укинаа притворот и му го одземаа пасошот, бидејќи тој даде милиони да гаранција дека нема да бега, сега се поставува прашањето како е тој во Турција кадешто ги троши милионите кои ги проневерил? Од информации во јавноста, дознаваме дека судиите му одобриле на Јахоски и му го вратиле времено пасошот, за тој да може да шета и ужива по Босфор со нашите пари кои тој и неговите блиски ги украдоа од Буџетот на државата! Правдата изгледа ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор. Затоа судиите мора да одговараат – реагираат од партијата.
Апелација ја прифати гаранцијата на Јахоски и го пушти од Шутка
Јахоски претходно даде гаранција од над 2 милиони евра, која Кривичен не ја прифати, но ја прифати Апелациониот суд по што му беше одземен пасошот и му беа одредени мерки за претпазливост.
Тој заедно со сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и избеганиот поранешен директор на ЕСМ Васко Ковачевски се осомничени поради злоупотреби со набавките на мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.