
Сопругата на загинатиот полицаец во „Пулс“ до Тошковски: Каде е тоа што им го ветивте на нашите деца?
Јована Тодоровска, мајка на две малолетни деца чиј татко е полицаецот Тоше кој загина во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во „Слободен печат“ денеска испрати допис кој бара јавно да биде објавен. Во него таа потенцира дека нејзините деца не користат бенефиции и права од Министерството за внатрешни работи, откако нивниот татко загина на службена должност.
Препорачано
Министерството за внатрешни работи, според неа, бенефициите ги пренасочило кон страната на семејството на Тоше со кое таа не е во комуникација, па следствено ниту нејзините деца можат да користат средства. Единствената донација за нејзините деца, како што тврди Тодоровска за „Слободен печат“ се парите од донациите од Црвен крст, кои што ги добила и ги орочила на посебни сметки на децата. Таа прашува каде се средствата од наградата на МВР за Тоше. Таа вели дека за пензијата на починатиот Тоше, 5 месеци чекала во административните лавиринти а во текот на тој период никој не ја ни прашал како врзува крај со крај и како се грижи за децата што ги има со загинатиот полицаец. Инаку Тодоровска неодамна на маршот за ангелите кој се одржа во Кочани, го обвини Тошковски дека го поткупил семејството на загинатиот полицаец.
-Го видов вашето интервју, немате одговор кога ве прашуваат дали е вистина дека сте ги поткупиле . Признавте, од ваша страна е вработена сестрата на Тоше секоја чест. А каде е тоа што им го ветивте на моите деца? Од ваша страна ги заборавивте нашите деца. МВР како помош и донација се има префрлено кај таткото на Тоше, а не кај децата, вели Тодоровска, обраќајќи му се на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Во гостување на Сител телевизија, министерот беше соочен со прашање за нејзините обвинувања, откако таа јавно го обвини министерот дека лично го поткупил семејството.
Тошковски одговори дека вработените во МВР, како и за секој друг трагичен случај, се солидаризирале со семејството и испратиле донации на сметка доставена од страна на роднините на починатиот.
ВИДЕО: Сопругата на полицаецот кој загина во „Пулс“ изнесе тешки обвинувања кон Тошковски