
Сопрениот вентил во Украина нема да ни направи проблеми во снабдувањето со гас
Денеска цената на природниот гас беше дури и пониска отколку на тргувањето во претходниот ден. Сепак, експертите стравуваат дека притисокот врз Словачка, Чешка, Унгарија да не користат руски гас, може да предизвика зголемување на цената на целиот европски пазар
За Македонија нема никакво значење тоа што е сопрен вентилот од Украина за пренос на гас во другите европски земји, затоа што Македонија се снабдува со гас од друг коридор, велат енергетските експерти. Тие посочуваат дека во моментов и не се случува некоја „драма“ со цената на енергенсот, но сепак постои опасност од идни неповолни нарушувања на цените.
Препорачано
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека последните податоци покажуваат дека има пад на цената на берзата.
– Македонија нема проблем за снабдување со гас. Ние се снабдуваме со гас што доаѓа од Турција преку Бугарија и нашата рута не е загрозена. Во моментов, според најголемата европска берза ПТФ, на денешниот прв ден на тргување, цената на гасот е пониска од последното тргување за 1,17 евра за мегават-час и изнесува 49,37 евра за мегават-час – изјави Бислимоски за „Слободен печат“.
Енергетскиот експерт Митко Андреевски вели дека сепак може да се случи притисок врз цените.
– Тоа што може да значи овој сопрен вентил во Украина е зголемување на цената на целиот европски пазар затоа што ќе има притисок Словачка, Чешка, Унгарија да не користат руски гас, туку да се присопособат како и другите европски земји. Тие имаат долгогодишен договор за снабдување директно со „Гаспром“ – вели Андреевски.
Тој објаснува дека сега овие земји имаат две можности: да го напуштат сосема „Гаспром“ и да се преориентираат на Јужен поток, односно снабдувањето да се движи од Турција, преку Србија, Бугарија до Унгарија.
Доколку, пак, се нарушат европските цени на гас, тоа би можело да направи притисок на многу други цени на производите што се увезуваат. Сè уште се свежи сеќавањата на проблемите што ги погодија енергетските пазари по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Кога Европа се обиде да ја прекине зависноста од рускиот гас, цените скокнаа. Освен што ја поттикна и онака високата инфлација, тоа доведе до стравувања дека ќе има рестрикции на електрична енергија. Сепак, сега ситуацијата е поинаква.
Системот за пренос на природен гас во Македонија започнува со приклучно место на интерконективната точка Ќустендил – Жидилово на македонскиот со бугарскиот систем за пренос на природен гас и се наоѓа на источната граница во месноста Деве Баир и се протега во правец на Кривопаланечкиот, Кратовскиот, Кумановскиот и Скопскиот Регион. Кога ќе се спомене гас, вообичаена асоцијација кај нас е топлификацијата во Скопје. Но, гас се користи и во процесот на производство на електрична енергија од термоелектраните, гасот се користи во производствените процеси во индустриските капацитети во зоните и таму Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони се јавува како оператор на системот за дистрибуција на природен гас. И дваесетина домашни капацитети во Скопје својот производствен процес го одвиваат на гас, а на гасоводна мрежа се приклучени и јавни институции. Има корисници и на мрежата во Крива Паланка и на Куманово.
Преносот на природниот гас низ годините постојано се зголемува и во текот на 2023 година со системот за пренос на природен гас управуван од Акционерско друштво за вршење енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС Скопје во државна сопственост беа пренесени 3.906.428.974 киловат-часа.
Од 1 јануари, како што и беше најавено, е прекинат транзитот на руски гас преку Украина кон Централна Европа. Русија не го обнови договорот. Тој беше потпишан на 30 декември 2019 година, а истече во првиот ден од Новата година, во 6:00 часот по средноевропско време, соопшти „Гаспром“.
Киев одлучи да го запре преносот на гас „за да ја отсече Русија од дополнителни приходи со кои Кремљ ја финансира и својата агресорска војна против соседната земја“.
– Тоа е во национален интерес на Украина. Запирањето на испораката на гас преку Украина е историски настан – објасни украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко.
Освен преку Украина, Русија испорачува гас и преку гасоводот Турски тек на дното на Црното Море.