Безбедносна камера / Фото: format4 / Alamy / Profimedia

Сообраќајните камери за украс, ќе почекаме за казни на домашна адреса

Од МВР велат дека во првите шест месеци годинава се изречени 81.046 санкции за непочитување на сообраќајните правила, што е повеќе од минатата година, кога биле изречени 74.739 санкции. Од овие 155.785 санкции, најголем дел се за пребрзо возење -69.070, прекршок кој според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа санкционирани се 37.584 лица за управување без возачка дозвола, 21.065 возачи кои возеле под дејство на алкохол итн.

Во 2012 година во Скопје беа поставени сообраќајни камери како дел од проектот „Безбеден град“. Беше предвидено истите да го снимаат секојдневното движење на возилата и граѓаните низ градот, но тие засега се користат само за надзор и помагаат за анализа на густината на сообраќајот. Во некои случаи по наредба на Јавен обвинител, дел од снимките се користеле како доказ најчесто за сообраќајки со смртни последици или со тешко повредени, како и за сообраќајни незгоди со големи материјални штети.

Во првите осум месеци годинава регистрирани се вкупно 81 сообраќајна незгода со смртни последици, потоа 117 во 2022 година и 106 сообраќајни незгоди во кои имало жртви во 2021 година.

Минатата недела на „Пластичарска“ дете го загуби животот откако беше прегазено од автомобил, а сторителот избега од местото на настанот. Ист таков случај ја потресе јавноста кога 17- годишна девојка почина откако беше прегазена на „Првомајска“, а возачот избега.

На почетокот на август 25-годишниот Мусли Весели почина на лице место откако при сообраќајка меѓу две возила во која едниот возач поминал на црвено, а другиот возел над дозволената брзина, удри во Весели кој чекал да помине на пешачкиот премин. Доколку се користеа камерите, можеби ќе беа избегнати незгодите и возачите ќе возеа со помала брзина знаејќи дека дивеењето по улиците се снима и за тоа можат да добијат казни на домашна адреса.

Министерот Оливер Спасовски во мај најави дека до крајот на летово се очекува поставување на камери на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци  и ќе ги санкционираат несовесните возачи.

-Во однос на поставувањето на камери коишто ќе овозможат на тој начин електронски да се заврши практично контролата во овој дел, не само на автопатиштата, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект. Јас очекувам дека можеме некаде до крајот на ова лето да биде инсталиран системот и да се започне со тој вид на контроли со тоа што нема да биде и постојниот начин на контролирање на безбедноста во сообраќајот запоставен. Напротив, сите многу активно ќе се вклучиме во овој дел, изјави во мај Спасовски.

Летото помина, а од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека проектот е во фаза на изработка, но не прецизираат кога ќе започне со имплементација на истиот.

„На проектот се работи и ќе биде финализиран во догледно време“, кусо одговорија од МВР.

Од МВР велат дека во првите шест месеци годинава се изречени 81.046 санкции за непочитување на сообраќајните правила, што е повеќе од минатата година, кога биле изречени 74.739 санкции. Од овие 155.785 санкции, најголем дел се за пребрзо возење -69.070, прекршок кој според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа санкционирани се 37.584 лица за управување без возачка дозвола, 21.065 возачи кои возеле под дејство на алкохол итн.

На автопатот Ниш-Белград има поставено камери на 12 локации

Во минатото во Србија контролата на брзина се вршеше преку мерење на минималното време од една до друга наплатна рампа, доколку некој стигне побрзо од пропишаното автоматски би значело дека возел побргу од 130 километри на час. Сепак, новиот систем предвидува мерење на просечната брзина на повеќе од 50 локации. На автопатот Ниш-Белград има поставено камери на 12 локации, на потегот од Белград до Прељине поставени се камери на 4 локации, Белград-Шид на шест локации. Оние пак кој патуваат до Српско-унгарската граница ќе бидат снимени од камери поставени на 8 места.

Доколку некој возач возел побрзо од дозволеното, ќе добие казна на куќна адреса и ќе има можност во рок од осум дена да платат половина од претходно напишаната казна. Доколку странци ги прекршиле пропишаните сообраќајни правила ќе ја платат казната при излез од Србија.

Интересното е доколку патувате од Белград до Ниш може да се платат 12 казни доколку сето време се вози со брзина над пропишаната. Истотака сообраќајните камери снимаат и дали се користи безбедносен појас или пак мобилен телефон.

Во Хрватска има поставено 270 камери кои се поставени на повеќе локации.

Во Хрватска има поставено 270 камери кои се поставени на повеќе локации. Нивната цел е  да се покријат што е можно повеќе опасни локации каде најчесто се случуваат сообраќајни несреќи предизвикани од брзо возење. Камерите можат да снимаат 32 возила во секунда, прилагодени се за ноќно снимање, преку посебна апликаци го препознава возачот…

Во светот има над 100.000 сообраќајни камери

Во светот има над 100.000 камери за мерење брзина во сообраќајот, од кои две третини се во Европа, според статистичката база Статиста, која пак се повикува на Светската датабаза за камери за брзина (The ​​Worldwide Speed ​​Camera Database).

Од 107 земји, според базата на податоци, Русија има убедливо најголем број на камери за брзина – 18.393. На второто место е Бразил со 16.997. Од Статиста објаснуваат дека ова е разбирливо со оглед на териториите што ги зафаќаат двете држави.

Трета на листата е Италија, која има близу 11.000 камери покрај тоа што е педесет пати помала од Русија.

Во САД има 7.366 камери од кои повеќе од половина се камери за „црвено светло“ кои проверуваат возила што поминале без да застанат на знакот стоп.Во Велика Британија има сличен број и најголемиот дел регистрираат пребрзо возење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот