Македонски производи/ Фото: МИА

Сонцето предвреме ги испржи црвените пиперки: За десетина дена почнува бербата на ајварката

Земјоделците засадија поголема површина, но поради климатските услови се очекуваат пониски приноси и полош квалитет

За десетина дена треба да почне бербата на ајварката на отворено. Земјоделците се сè позагрижени од климатските промени. Екстремно високите температури удрија и по количините и по квалитетот на годинашниот род. Сепак, според сегашните најави, производителите очекуваат дека ќе има доволно количини за да го произведат планираниот ајвар. Пиперки се очекува дека ќе има и за производство во домашни услови, но домаќинките ќе мора да вложат повеќе труд за лупење поради намалениот квалитет.

Ристо Веков, претседател на Агросојуз од Струмица, вели дека годинава се насадени поголеми површини со пиперката „куртовска капија“, но очекуваниот принос ќе биде помал.

– За десетина дена ќе почне бербата на пиперките и тогаш реално ќе се види каква класа е. Површини со пиперки има, дури и повеќе од лани, но од друга страна, поради климатските услови се очекуваат пониски приноси. Квалитетот, сепак зависи и од индивидуалниот ангажман на земјоделците, кој колку работел. Со вакви климатски услови треба многу наводнување. Инаку, веќе се има појавено ваков црвен пипер на пазарите, но тоа е многу мала количина што е садена многу рано – вели Велков.

Сопственикот на „Випро“ Виктор Петков вели дека конзервната индустрија не откупува прва класа на пиперки, така што очекуваат дека за нив ќе има доволни количини, освен ако нема некој голем извоз. Сепак, тој посочува дека нашите производители не можат да ги прошируваат своите капацитети поради ограничената понуда и високите царини при увоз на индустриска пиперка. Но, од друга страна, како што посочува Петков ние немаме заштитен механизам за нашиот одлив во странство.

– Немам податок колку од засадените пиперки може да се одлеат во странство. Ние за тоа немаме заштитен механизам. Ако не се зголеми побарувачката од странство, според сегашната состојба на теренот, нашата индустрија ќе има доволно пиперки за производство на ајвар. Но, ние имаме еден голем проблем што никако да се реши. Сите влади се држеа за еден популистички модел за земјоделците, кој значи високи царини за увоз на пиперки. Би требало да се однесуваме европски, онака како што е во ЕУ, за суровини за производство да нема царини. Кај нас пиперките се увезуваат со царина од 50 проценти. Ова е остаток од моделот на поранешна Југославија, време на затворена економија. Нека има некоја заштитна царина за нашето производство од 20 до 24 проценти. Но, вака ние не можеме да ги зголемуваме нашите капацитети, затоа што домашните количини се ограничени, а со странски пиперки ќе бидеме неконкурентни. И кај нас има некои механизми за да ја избегнеме царината од 50 проценти, какви што се увоз заради извоз, но тоа се многу тешки административни процедури и ние во „Випро“ не ги практикуваме – објаснува Петков.

Тој вели дека место со царини, Владата на поинаков начин треба да го штити домашното производство, односно „да се создадат подобри услови за работа преку окрупнување на земјиштето, наводнување, поголемо поврзување со науката“.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски заедно со откупувачите, земјоделците и преработувачите минатата недела седнаа на заедничка маса и ги договорија откупните цени за годинашната реколта.

Според министерот, за прва класа откупната цена е 45 денари, за прва-втора 35, за втора 20 и за трета 15 денари за килограм.

– Овие се почетни цени со кои ќе почне откупот на пиперката и ќе трае во текот на откупот. За да се одржат овие цени, мора да се почитува правилникот за квалитет и, она што е уште поважно, бидејќи во нашата држава во два региона се произведува оваа пиперка, односно Струмичкиот и Прилепскиот Регион, бербата да биде договорена со откупувачите и преработувачите за да не се соочиме со зголемена количина во текот на денот и неделата и да имаме застој во откупот како што беше минатата година – изјави министерот Трипуновски.

Првите црвени пиперки што сега се берат се со откупна цена од 60 денари за еден килограм, а на скопскиот Зелен пазар стигнуваат по цена од 100 денари.
Како што објави „Агротим“, процените од терен зборуваат дека годинава производството на црвена пиперка би требало да тежи околу 65 милиони килограми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот