
Сонцето и ветерот може да почекаат, иднината е нуклеарна!
Низа земји, од Франција и Обединетото Кралство, преку Кина, Индија, Јапонија и Кореја, дури и завојуваната Украина, планираат надградување на своите капацитети за генерирање струја од енергијата на атомот
Нуклеарните реактори се наметнуваат како најпосакувано решение за надминување на двата огромни глобални проблеми – како да се задоволи зголемената потреба во услови на енергетска криза и како да се забрза борбата против климатските промени.
Препорачано
Низа земји, од Франција и Обединетото Кралство, преку Кина, Индија, Јапонија и Кореја, дури и завојуваната Украина, планираат надградување на своите капацитети за генерирање струја од енергијата на атомот – процес што е пополезен за планетата, но може да има и разорни ефекти, како што беа случаите на Херисберг, Чернобил и Фукушима.
Забрзаното загревање на планетата поттикна иницијативи за исфрлање на фосилните горива, кои се главниот загадувач на природата, но и главниот генератор на индустрискиот развој. За помалку од една деценија речиси сите производители на автомобили развија возила на електричен погон и полека го намалуваат производството на оние што користат бензин или дизел.
Како алтернативни извори на енергија се наметнаа сонцето, ветерот и брановите, но ваквите централи не можат толку брзо да ја пополнат огромната празнина што се создаде со руската инвазија врз Украина, која ги блокираше и ги измести вообичаените канали за транспорт на деривати.
Франција и Чешка побараа од Европската комисија да ја прогласи нуклеарната енергија за чиста, исто како и оние генерирани од обновливи извори – од сонцето, ветерот и водата.
– Целта е да се намали зависноста од фосилни горива и да се намалат емисиите на јаглеродни гасови – изјави француската министерка за енергетија, Ањес Пание-Рунашер.
Потреба за итна реакција
Актуелни проценки укажуваат дека обновливите извори на енергија в година ќе генерираат една третина од вкупната енергија, што е огромен успех, но не е доволно за да се задоволат зголемените потреби и воедно да се спроведат целите за целосно исфрлање на јагленот и нафтата.
– Ова е почеток на крајот на ерата на фосилни горива. Оваа година е пресвртна во енергетската транзиција, бидејќи го надминуавме врвот на користењето фосили горива – вели Дејв Џонс од фирмата за енергетски консултации „Ембер“.
Но, и тој додава дека транзицијата мора да биде уште побрза. Одговор на таа нужда се нуклеарните реактори.
Меѓународната енергетска агенција објави дека 2025 година ќе биде рекордна според генерирана енергија од нуклеарни реактори. Директорот на ИЕА, Фатих Бирол, тоа го смета за позитивен знак во борба против климатски катастрофи.
– Енергетскиот сектор испушта повеќе јаглеродни гасови од кој било друг сектор во светската економија. Затоа охрабрува стабилното проширување на нуклеарните извори, кои може да ги задоволат зголемените потреби на енергија во следните три години – вели Бирол.
Украина ќе гради четири реактори
Министерот за енергетика Герман Галушченко најави дека Украина веќе на лето или на есен ќе ја почне конструкцијата на уште четири нови нуклеарни реактори во централната Хмелницки, во западниот дел на земјата. Два реактора ќе бидат „ВВЕР-1000“ од советска технологија, што Киев планира да ја увезе од Бугарија, а другите два ќе бидат „АП-1000“ од гигантот „Вестингхаус“.
Киев го забрза спроведувањето на проектот поради зголемената потреба за електрична енергија. Галушченко вели дека независно од војната, сите четири реактори ќе се градат во исто време. Конструкцијата на реакторите 3. и 4. во Хмелинцки почна во времето кога Украина уште беше во СССР, но беше замрзната. Откако Украина во 1991 година се издвои од Советскиот Сојуз, изгради три нови реактори, по еден во централите Запорожје, Хмелницки и Ривне. Тие централи денес генерираат струја што задоволува 55 отсто од потребите на земјата. Новите реактори би требало да ги надополнат загубите од Запоржје, која е најголема нуклеарна централа во цела Европа, не само во Украина. Руските сили од 2022 година ја контролираат централата и нејзините шест реактори не генерираат струја.
Продолжен век на реакторите во Британија
Француската енергетска компанија ЕДФ пред две недели објави дека планира да го продолжи работниот век на своите четири нуклеарни станици во Обединетото Кралство, како и да ги зголеми инвестициите во британската флота на нуклеарен погон. ЕДФ најави дека до крајот на годинава ќе ги надгради централите во Торнес, Хејшам 1 и 2 и Хартлипул, ако добие дозвола од регулаторите. За в година е одложен одговорот дали ќе биде зголемен работниот век на централата „Сајзвел“ до 2055 година, 20 години подолго од првично планираното.

Британската влада, пак, објави „патоказ“ во кој се предвидува до 2050 година да бидат изградени нуклеарни реактори што би генерирале 24 гигавати, односно една четвртина од вкупните енергетски потреби на Обединетото Кралство. Почнувајќи од 2030 година, на секои пет години ќе се одобрува изградба на по еден или два нови реактори. Слична иницијатива своевремено имаше и поранешниот премиер Борис Џонсон: „секоја година по еден реактор“. Тој план беше вратен на преработка откако ЕДФ објави дека изградба на нова нуклеарна централа би ја чинело Британија 33 милијарди евра, 30 отсто повеќе во споредба со проценките направени во 2015 година.
– Новата поддршка од владата за нуклеарната индустрија е следен чекор во нашите заложби за нуклеарна енергија, што ни овозможува да ја остватиме целта по 2050 година да не испуштаме јаглеродни гасови во атмосферата. Нуклеарните извори се перфектен противотров за енергетските предизвици на Британија. Тие се зелени, поевтини на долг рок и долгорочно ќе ја гарантираат енергетската безбедност на Обединетото Кралство – објави актуелниот премиер Риши Сунак.
„Мајкрософт“ гради микрореактори
Од другата страна на Атлантикот, иницијативата ја водат приватните компании, на чело со технолошките гиганти. „Мајкрософт“, кој одамна инвестира во малите нуклеарни реактори од новата генерација, во средата објави оглас за вработување „директор за нуклеарни технологии“, за да ја надгледува сопствената програма за развој на микрореактори што би требало да ги снабдуваат со струја големите бази на податоци. На оваа функција се очекува Аркана Манохаран, која има 15-годишно искуство во компанијата „УСНК“, која разиваше микромодуларни реактори.
„Мајкрософт“ има потреба за десет микрореактори за напојување на центрите, но технологијата сѐ уште е во развој, а треба да се надмине и проблемот на заштита на реакторите од хакерски напади.