
Собранието се строи да го „поздрави“ францускиот предлог
Документите стасаа од Владата во Собранието и спикерот Џафери најверојатно утре ќе закаже седница за францускиот предлог. Опозицијата не ги прифаќа владините заклучоци бидејќи тие не задираат во преговарачката рамка.
Заклучоците за францускиот предлог подготвени од вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ и од шефот на дипломатијата Бујар Османи се подготвени и СДСМ денеска се обидуваше да ги усогласи со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за Собранието заеднички да ги усвои, брифираат од власта. Пакетот документи, ама без протоколот, стасаа од Владата во Собранието, но јасно е дека и новите заклучоци за опозицијата се неприфатливи бидејќи тие не задираат во преговарачката рамка.
Препорачано
Во очекување претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже пленарна седница за францускиот предлог – најверојатно во четврток – владејачкиот Демократски сојуз достави до парламентот предлог заклучоци од во обид да ги спои власта и опозицијата. Партиските органи на СДСМ дадоа виза за францускиот предлог, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара пратениците од СДСМ да ја отфрлат преговарачката рамка и ги охрабрува дека нема да инсистира на избори, туку дека ќе поддржи малцинска Влада, најверојатно алудирајќи дека ДУИ би излегла ако не помине предлогот.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека заклучоците за францускиот предлог треба лесно да поминат на пленарната седница, бидејќи со нив Влада ќе добие задача како да се однесува, но не и да смени нешто во преговарачката рамка. За предлогот ќе гласаат околу 70 пратеници и тоа од СДСМ, ДУИ, Алтернатива, ДПА и Алијанса за Албанците. Според опозицијата, расправата на пленарната седница би траела два до три дена.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски смета дека СДСМ само купува време и бара форма да достави некакви заклучоци кои не се облигаторни за Владата.
– Очигледно е дека Владата како што ги водеше преговорите во тајност така сака да ја води целава оваа постапка со единствена разлика што немаше храброст да ја донесе оваа одлука туку ја префрла во Собрание, кое апсолутно нема никаква обврска да одлучува за меѓувладината конференција, имајќи предвид дека ги немаме сите материјали на располагање. А го немаме на увид ни протоколот меѓу Македонија и Бугарија кој е основен документ врз основа на кој ќе треба да се случуваат понатамошните активности – рече Мицевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски им се обрати на пратениците на СДСМ да го отфрлат францускиот предлог.
– Бидете достоинствени, почитувани пратеници од СДСМ и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија. Вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа Влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценетата и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди – вели Мицкоски.
Пратеникот од СДСМ Дарко Каевски ги повика пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да присуствуваат на седницата.
– Да ги соочиме аргументите и да донесеме заклучоци со кои ќе ја обврземе и оваа и секоја наредна влада да се зачува чистиот македонски јазик, македонскиот идентитет и посебноста со сите историски, образовни и културни карактеристики и тие да не бидат дел од преговарачката рамка – рече Каевски.
Павле Трајанов повтори и дека доколку не се создаде единство околу оваа преговарачка рамка, тогаш ДС нема да ја поддржи.
– Парламентот треба да донесе заклучоци прифатливи за мнозинството пратеници, односно за сите важни политички партии застапени во Парламентот, вклучително и опозицијата – рече Трајанов.
Во предлог заклучоците на ДС се вели дека треба да се води сметка за нашите национални интереси, а од преговарачката рамка да се изостават билатерални прашања наметнати од Бугарија.
– На овој начин протоколите кои ги потпишуваат Северна Македонија и Бугарија ќе бидат обврзувачки за двете држави, без да се инволвира во нив ЕУ во целина. На првата меѓувладина конференција да се усвои преговарачката рамка, со што ќе почнат пристапните преговори, скрининг процесот, а потоа и отворањето поглавја, без дополнителна меѓувладина конференција – вели Трајанов.
СДСМ: Заедно да ја донесеме најважната одлука за земјата
Владејачката СДСМ по одлуката да го поддржи францускиот предлог соопшти: „Нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел, отворање на преговорите со Европската Унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во ЕУ. Toa значи конечно затворање на сите идентитетски прашања. Имаме предлог кој гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка. Сите политички партии треба да пристапат одговорно, државнички и рационално и заедно да ја донесеме долгоочекуваната државна одлука за продолжување на евроинтегративниот пат на земјата“.