
Со зајаци и загари во лов на политички рејтинг, изборната кампања почна со размена на ниски удари
Загари, зајаци, орли, врапчиња и страчки беа дел од вокабуларот на политичките лидери на почетокот на кампањата за локалните избори. Навреди, воинствена реторика, обвинувања за заткулисни коалиции и најави за крај на политички кариери, беа само дел од пораките што беа разменети
Загари, зајаци, орли, врапчиња и страчки, зачинети со навреди, воинствена реторика, обвинувања за заткулисни коалиции и најави за крај на политички кариери, се само дел од пораките што партиските лидери си ги разменија на првиот ден од кампањата за локалните избори. Ако се суди по почетокот на кампањата, тогаш очекувањата се дека во наредните 20 дена таа ќе изобилува со ниски удари, оцрнување на противникот, обвинувања за манипулации, односно дека граѓаните повторно ќе сведочат на веќе видени и слушнати пораки.
Првата размена на удари за тоа кому каде му е местото си разменија лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој ја предводи Националната алијанса за интеграција, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и Изет Меџити од Вреди.
Препорачано
Ахмети од конвенцијата од Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, на која НАИ ги претстави кандидатите за градоначалници, го обвини Мицкоски дека ги загрозува правата на Албанците, дека го гази Охридскиот договор и создава меѓуетнички тензии. Ахмети опонентите од Вреди, пак, ги спореди со кучиња и зајаци, додека ДУИ и НАИ ги спореди со орли, кои се симбол на Албанците. На конвенцијата, вообичаено за изминативе 23 години, се воспеваше косовскиот херој Адем Јашари, беа емитувани инсерти од конфликтот во 2001 година со Ахмети во униформа, а салата ечеше со извици „УЧК“, „УЧК“ и беа развеани албански знамиња.

– Мицкоски, со загари се оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со загари, слуги и некадарници што ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, загари, чувајте се од зајаци – порача Ахмети.
ВМРО-ДПМНЕ експресно му порача дека не е тешко да се предвиди Ахмети.
– Не си ти орел, туку обично врапче. Во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најисплашените – велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека на Албанците одамна им е преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори, заедно со Македонците, сите сложно – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ден по конвенцијата, генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети за извиците „УЧК“ рече дека не биле организирани, туку дека извикувала група поддржувачи, но остана на позицијата на Ахмети дека Албанците се орли и дека не може со кучиња да се ловат.
– ВМРО-ДПМНЕ се научи да соработува со врапчиња, но Албанците не се врапчиња, туку орли. Ахмети беше јасен – рече Ахмети.
И покрај навредите, Мицкоски очекува мирна кампања
И покрај меѓусебните навреди, Мицкоски изјави дека очекува мирна кампања и дека граѓаните на изборите имаат само две опции, и тоа коалицијата што ја предводи неговата партија и коалицијата на СДСМ, ДУИ и Левица, иако трите партии на изборите настапуваат самостојно.

– Она што го нудиме ние во нашите пораки во кампањата ќе бидат проекти, визија како гледаме да ја развиваме Македонија. Опозициските СДСМ, ДУИ и Левица ќе продолжат да испраќаат збунувачки, невистинити и неточни информации, нивните пораки се темелат на лаги, конструкции, подметнувања, а некои испраќаат пораки што можеби би биле добри за 19 век – рече Мицкоски алудирајќи на Ахмети.
Според Мицкоски, граѓаните на овие избори имаат две опции. Трета опција нема, а секој што ќе апстинира, директно гласа за Венко Филипче, за Али Ахмети и за Димитар Апасиев.
– Една опција е коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица, коалицијата Венко Филипче – Али Ахмети – Димитар Апасиев, па и да кажев Димитар Заев немаше многу да згрешам, бидејќи гуруто од заднина е тој на оваа коалиција, и тој е патот што седум години го гледавме. Пат на криминал, корупција, национални понижувања, неработа, неиспорака. И следната опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тоа е она што ние заедно со поддршката што ја имаме од граѓаните, еве, изминативе 15-16-ти месец го работиме – рече Мицкоски.

И ВМРО-ДПМНЕ и Вреди порачаа дека Ахмети е истрошен и дека време му е за политичка пензија. Мицкоски повеќепати порача дека по изборите ДУИ не треба повеќе да постои.
Меџити, пак, остро реагираше на навредите од Ахмети и оцени дека изјавата на лидерот на ДУИ го означува крајот на неговата политичка кариера. Според Меџити, говорот и пораките од конвенцијата не претставуваат демонстрација на сила, туку напротив – знак на слабеење на позициите на ДУИ.
– Настанот во „Борис Трајковски“ не е само митинг, туку јасен показател за крај на една ера. Во моментот кога ги нарекуваш „загари“ сите Албанци што не мислат како тебе, ти ја заврши политичката кариера. Вечерва го стави печатот на делегитимирањето – рече Меџити.
Филипче порача дека не ветуваат спектакли
На конвенцијата на СДСМ во Крушево, лидерот Венко Филипче порача дека не ветуваат спектакли, не нудат лаги и шарени програми, туку остварливи, реални програми и служба во интерес на граѓаните. Тој рече дека на овие избори ќе бара кандидатите за градоначалници да го дадат својот збор пред граѓаните, а не пред партијата. Тој додаде и дека СДСМ извлекол поука од последните избори и дека на овие нуди луѓе со интегритет.
– Да, и ние сме грешеле. Граѓаните нè казнија и тоа е лекција што ја прифативме без изговори. Денес стоиме со нова енергија и со нова понуда. Не бараме бланко доверба, бараме шанса за овие луѓе во кои цврсто верувам, што ќе ја мерите на дело. Нашата политика не е за моќ, туку за ред, соработка и услуга за граѓаните. Нашата амбиција не е да владееме без контрола, туку да ја воспоставиме контролата што им припаѓа на граѓаните. Бараме да ги држите одговорни овие луѓе зад мене. Бараме да ги проверувате. Бараме да ги мерите според тоа кому служат – на партијата или на луѓето – рече Филипче.

Според него, апсолутната власт што ВМРО-ДПМНЕ во моментов ја има на локално и на централно ниво е нешто најопасно што можело да ѝ се случи на државата, оценувајќи оти општеството е жртва на прераната изгубеност на власта.
На конвенцијата на ЗНАМ, лидерот Максим Димитриевски го обвини СДСМ дека кога бил на власт ги газел националните интереси и го распродавал македонскиот идентитет, а поединците кои учествувале во штетни политики мора да сносат одговорност. На Филипче му порача:
– Злосторникот повторно се враќа на местото на злосторот – рече Димитриевски, нагласувајќи дека оние кои со своите постапки нанеле штета на државата и граѓаните, мора да бидат повикани на одговорност – политичка, но и правна.
Димитриевски не го поштеди ни Ахмети.

– Ако Али Ахмети навистина сака, нека си оди од државата. Но прво да ги врати криминалците под негова заштита и нека ги стави на обвинителна клупа. Секоја намера за поделба на државата е апсолутно недозволива и нема да се толерира. Сè додека има Македонци, нема да дозволиме нашата држава да се подели. Македонија е неприкосновена и секоја обид за нејзино раздвојување ќе се спречи – порача Димитриевски.