
Со профитабилна препродажба на нива се финансирала партија за изборите?
Нива во Делчево, на која требало да се постават фотоволтаици на ЕВН, е во центарот на истрагата на Управата за финансиска полиција, која утринава изврши претрес во домот на таткото на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески.
Препорачано
Според извори на Фокус, неколку физички лица ја купиле нивата за цена од половина евро за квадрат, а потоа наводно ја продале на ЕВН за неверојатни 400 евра по квадрат. Во аферата се вмешани висок службеник вработен во ЕВН, син на градоначалник, како и близок соработник и пријател на политички лидер. Во случајот пак ЕВН, се појавува како оштетена странка, пишува Фокус.
Но, истрагата допира и до нелегално финансирање на политичка партија на локалните избори. Засега не е познато дали се обезбедени докази за нелегални трансакции кои ќе го потврдат овој сомнеж.
Денеска за овој случај со официјално соопштение излегоа и од Управата за финансиска управа. Оттаму појаснија дека во координација со Основното јавно обвинителство Скопје вршат проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.
-Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела, се вели во соопштението.
Оттаму апелираа случајот да не се користи за партиски цели.
-Предистражната постапка се однесува на вработени лица во ЕВН ЕЛЕКТРАНИ MAKЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и ЕВН МАКЕДОНИЈА АД Скопје. Ве молиме Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели, заклучуваат од Управата.