Прес-конференција за 15. Д Фестивал во Штип

Со над 30 музички ѕвезди и хуманитарна мисија 15. Д Фестивал ќе се одржи во Штип

Најголемиот летен open-air музички фестивал во Македонија, Д Фестивал, годинава одбележува јубилејно 15. Издание, кое ќе се одржува од 4 до 6 јули во Штип и со бројни новости во својот програмски концепт.

Единствениот мултимедијален настан каде што музиката, уметноста и заедништвото се спојуваат во едно уникатно доживување, оваа година добива поголема хуманитарна мисија, која Фестивалот ја реализира во соработка со иницијативата „Support Kocani“. Имено, Д Фестивал ова лето ќе биде со бесплатен влез за сите посетители, но со можност за купување на т.н. хуманитарни билети. Цената на хуманитарниот билет е 1500 денари, а сите собрани средства ќе бидат наменети за иницијативата „Support Kocani“.

Хуманитарната мисија на Д Фестивал е акт на солидарност, сочувство и обединување, по трагедијата што се случи во Кочани – трагедија што нè потресе сите, без разлика дали сме дел од музичката сцена или од пошироката заедница.

– За Д Фестивал, кој отсекогаш се залагал за заедништво, за безбедност и поддршка, суштински е да се реагира на секој можен начин, за помош онаму каде што е најпотребно, но и понатаму, за носење на иницијативи кои ќе придонесат во општото функционирање, зголемување на безбедноста, културното издигнување и одговорноста во нашата заедница. Во оваа насока, го потенцираме нашиот став дека Д фестивал не е само простор за забава и уметност, туку и платформа за добрина, поддршка и заедничко делување. Веруваме дека културата има сила да сплотува и да ги поттикнува токму тие вредности. Па затоа ова лето, заедно ќе бидеме дел од едно поинакво, посветено издание на Д Фестивал – истакна тимот на „Пасворд Продакшн“, организаторот на Д Фестивал, на прес-конференција која се одржа на 22 мај во Штип.

На прес-конференцијата учествуваше и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, кој во оваа прилика изјави: „Горд сум што брендот Д Фестивал заедно со ’Пасворд Продукција‘, која го организира сите овие години, го донесовме во Штип и се надевам дека ова е еден убав почеток на успешна приказна за градот. Со Д Фестивал, градот Штип ќе ја прошири својата културна понуда и во летниите месеци, а верувам дека со овој фестивал, Штип ќе добие и една нова можност за културен туризам. Значењето на Д Фестивал ќе биде големо за нас како град и за локалната економија со тоа што илјадниците гости на Д Фестивал ќе ги користат нашите капацитети за време на фестивалот.“

Голема поддршка на Д Фестивал се и партнерствата со општествено-одговорни компании, а од самите почетоци на Фестивалот таков партнер е Пивара Скопје, кои за новото поглавје на Д Фестивал ќе кажат: „Чест ни е што уште од самиот почеток, веќе 15-та година по ред, сме дел од оваа приказна. Скопско и Скопско Smooth во својата ДНК ја имаат посветеноста на поттикнување и поддржување на креативноста, автентичноста и себереализацијата. Овие вредности се длабоко усогласени со духот на Д Фест кои беа препознаени уште на самиот почеток, и тоа е она што ја прави нашата соработка толку природна. Години наназад го поддржуваме развојот на овој настан како платформа што ја слави моќта на музиката, собирајќи на едно место уметници и заедници кои ја споделуваат пасијата за поместување на границите. Чест ни е што продолжуваме да бидеме дел од оваа приказна и со нетрпение очекуваме уште многу години соработка, иновации и прослава на музика што инспирира“, изјави Милена Спасевска од Пивара Скопје.

На прес-конференцијата беше презентирана и музичката програма на Д Фестивал 2025, која ќе се одвива на двете најголеми бини на овој фестивал, Главната бина и „Москито Стејџ“, каде што во трите вечери, од 4 до 6 јули ќе настапат повеќе од 30 музички изведувачи.

Најголем дел од програмата го сочинуваат домашните артисти, а во таа листа ќе се запишат дел од најрелевантните претставници на современата македонска музичка сцена, уметници кои со своето дело веќе оставија неизбришлива трага, но и сѐ уште ја восхитуваат музичката јавност со своето творештво и сценски изведби: „Архангел“, Кирил Џајковски кој ќе настапи заедно со ТК Вондер и Рутсман, „Мизар“, „Фолтин“, „Љубојна“, Пијан Славеј, „Паркети“.

Покрај нив, ќе настапат и водечките претставници на новата македонска музика: Дина Јашари, „Пичвајз“ (Peach vice), „Доуп куќата“ (Dope kukjata), „Последен удар“, Princess Donatsu, Don Playa, ZEE & Matej Foltz, Кем, Moira, Nikartic, Gwass, диџеите Флудер и Мана.

Од светските ѕвезди, на Д Фестивал доаѓаат британските дарк-рок пионери „Систерс оф мерси (The Sisters of Mercy). Ова е култно име на глобалната дарквејв сцена и бенд кој повеќе од четири децении го восхитува светот со својот препознатлив звук и интензивни сценски настапи.

Од Јамајка во Штип ќе пристигнат и вистинските легенди „Инер сркл“ (Inner circle) со хитови како „Bad Boys“, „Sweat (A La La La La Long)“ и многу други, а ова е несомнено еден од најголемите реге бендови на сите времиња.

Фановите на најжестокиот звук пак, ќе имаат чест да уживаат во настапот на култниот бразилско-американски метал бенд „Соулфлај“ (Soulfly), предводен од славниот Макс Кавалера.

Најзаразниот рефрен од актуелниот избор за песна на „Евровизија“ пристигнува на Д Фестивал со третопласираниот артист од финалето, Томи Кеш (Tommy Cash), рап-изведувач, танчер и визуелен уметник од Естонија.

На Д Фестивал годинава нема да изостанат ниту ѕвездите од регионот, па македонската публика ќе има прилика да ги погледне секогаш импресивните и извонредни „Буч Кесиди“ – убедливо највозбудливиот бенд на новата балканска поп-рок сцена и С.А.Р.С. – докажано еден од најомилените бендови на овие простори. Кон оваа листа на изведувачи наскоро ќе бидат додадени и нови имиња, а публиката на Д Фестивал ќе има привилегија да биде дел од тридневниот музички маратон со бесплатен влез за сите посетители од 4 до 6 јули во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот