
Со месеци раскопана главната улица во Волково, жителите се заканија со протести
Од Општина Ѓорче Петров велат дека надлежни за довршување на оваа улица се Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“, а од Градот тврдат дека чекале одобрение од МВР за воспоставување времен сообраќаен режим.
Жителите на скопската населба Волково со иницијатива бараат итно решавање на проблемот со раскопаната главна улица во населбата, чија реставрација е запрена повеќе од девет месеци и најавуваат протести и граѓанска непослушност доколку нема реакција од надлежните за решавање на овој проблем.
Препорачано
– Иницијативата бара итно асфалтирање на улицата и директно ги повикува Општина Ѓорче Петров, Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, пратениците во Собранието, како и советниците во Градот и во Општината веднаш да преземат конкретни мерки. Улицата беше раскопана пред повеќе од 9 месеци, но сè уште не е асфалтирана – велат жители на Волково.
Жителите додаваат дека поради неодговорноста на политичките чинители, Волково денес се соочува со урбан хаос, запоставеност и животни услови што стануваат сè потешки, а последиците од оваа запоставеност, според жителите, ги чувствуваат и околните туристички места, кои се погодени од несоодветната инфраструктура.
Доколку проблемот наскоро не се реши, жителите најавуваат протести, граѓанска непослушност, како и поведување постапки за кривична одговорност против сите што свесно го игнорираат овој проблем.
– Бараме итна и одговорна реакција. Решете го проблемот сега! – велат жителите на населба Волково.
„Слободен печат“ испрати прашања до Општината и до Град Скопје зошто оваа улица е речиси една година раскопана и оставена недовршена и дали по најавите на жителите за протести ќе има реакција од локалната самоуправа.
Од Општина Ѓорче Петров известуваат дека надлежни за довршување на оваа улица се Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“.
Од Град Скопје, пак, за „Слободен печат“ велат дека нивни екипи веќе почнале со реконструкцијата на улицата, но проектот бил запрен поради тоа што чекале одобрение од МВР за воспоставување времен сообраќаен режим.
– Екипите на Град Скопје почнаа на терен со цел целосно завршување на започнатата реконструкција што опфаќаше и обнова на подземната инфраструктура. Проектот беше во застој поради чекањето одобрение за воспоставување времен сообраќаен режим од МВР, по кое извршувањето на работите на терен продолжуваат – информираат од Градот.
За граѓаните е небитно поради што бил застојот и зошто навреме не е обезбедено одобрението од МВР. Тие сакаат итно решавање на проблемот за да може нивната населба нормално да функционира.