Скопје, 1 септември 2021 / Фото: Слободен Печат. / Е.Д.С

Со маски и дезинфекција на раце учениците се вратија во клупите

Социјалните мрежи се преплавени со фотографии од ученици кои седат едни до други, без дистанца, без маски и со затворени прозорци.

Учебната година започна под строги ковид-протоколи, со задолжителна дезинфекција на рацете, носење маски и мерење температура при влезот во училиштата. И покрај строгите правила, социјалните мрежи вчера беа преплавени со фотографии од ученици кои седат едни до други, без дистанца, без маски и со затворени прозорци.

– Децата и младите не можат да ризикуваат уште една година со прекини во наставата. Сега им е потребна нашата поддршка повеќе од било кога претходно, порачаа од УНИЦЕФ.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ди Џовани, за онлајн наставата потенцираше дека не може да биде долгорочно решение и замена за наставата со физичко присуство. Но, не сите медицински лица се согласуваат со неа.

„Во ваков ударен бран кога сите здравствени капацитети се повторно пред колапс, да донесеш одлука за настава со физичко присуство на децата е како да потпишуваш смртна пресуда за некого“, напиша хирургот д-р Тодор Ношпал на Фејсбук.

Премиерот Зоран Заев во видео порака им посака успешен почеток на новата учебна година на учениците и на наставниците и повика на придржување кон протоколите.

Од наставата со физичко присуство нема подобра опција, тоа го тврдат наставниците, учениците, организациите кои се бават со психо-физичкото здравје на децата. И затоа се посветивме на сето она што е најважно за враќање на учениците во училишните клупи“, порача Заев.

Министерката за образование и наука Мила Царовска исто така им посака успешен почеток на сите ученици и наставници и нагласи дека образовниот систем е целосно подготвен за почеток со физичко присуство.

Новата учебна 2021-2022 година започнува на 1 септември со отворени училишта за сите ученици. Образовниот систем е целосно подготвен за тоа. Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници“, истакна Царовска.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека услови за настава со физичко присуство нема.

Голем број училишта низ државата не се спремни. Дезинфекција нема. Протоколите имаат пропусти. Царовска наместо да набави брзи тестови за учениците и да создаде систем за брзо изолирање на ковид-позитивни жртвува повторно цела година. Само прашање на време е кога Царовска повторно ќе ја воведе онлајн наставата. Учениците немаат услови за учење, Царовска ги донесе до ситуација од една книга да учат две дечиња. Царовска не обезбеди книги и наставен материјал“, стои во соопштението на партијата.

Училиштата засега се задоволни од организацијата и очекуваат успех при почитувањето на протоколите.

– Се помина во најдобар ред. Првпат оваа година се соочивме со вакви протоколи, сите колеги се организираа, направија организација на просторот и за родители и за деца. На посебен ден од школското игралиште имаме прием на првачиња. Колегите веќе си заминуваат среќни, сите велат дека поминало во најдобар ред. Првачињата се примени, кажуваат химни и заклетви.

-Моите две ќерки учат во истото училиште. Училиштето имаше два влеза за прием каде што се мереше температура на учениците. Дистанца имаше, сите се културно седнати на клупи со маските на уста, наставничките си ги држат часовите, наставата тече, изјави за „Слободен печат“ Андреја Стојанов, директор на основното училиште Кузман Јосифовски-Питу.

На прашањето на родителите за тоа како училиштата ќе се справат со опасноста од тоа вирусот да се прошири кога учениците ќе ги извадат маските за да јадат, Стојанов објаснува дека за големиот одмор тие ќе имаат простор во дворот за таа намена, а за тоа време училниците ќе се проветруваат.

ЈСП / Фото: МИА

Гужва во автобусите на ЈСП

На социјалните мрежи се појавија и фотографии од автобуси преполни со ученици без дистанца, а некои од нив не носеа ниту маска.

ОД ЈСП Скопје информираа дека со почетокот на учебната година ќе се пуштат дополнителен број автобуси заради заштита на учениците. Но, иако бројот на автобуси е зголемен, наместо по редовен распоред, се вози по летен, односно со редуциран возен ред.

Имам чувство како да започнала некоја операција под (на пр.) кодно име „зарази што повеќе”. Линија број 55 во 6:50 од Арачиново. Учебната година за жал почна со намален број на автобуси на сите линии, односно по редуциран возен ред. На здравје нови кластери“, напиша директорот на Здружението на приватни автобуси „Слободен превоз“ Ленин Јовановски на Фејсбук.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!