
Снежана Манев избрана за претседател на судот во Куманово
Судскиот совет денеска ја избра судијката Снежана Манев за претседател на Основниот суд Куманово, која досега беше вршител на должност на оваа функција, а и претходно беше претседател на кумановскиот суд. Манев беше единствен кандидат на огласот и ги освои максималните 200 бода во квалитативното и квантитативно оценување што го изврши комисијата на Судскиот совет задолжена за спроведување на овој оглас, а беше избрана со девет гласа „за“ и еден „против“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Членовите на Судскиот совет ѝ честитаа на Манев за изборот и ѝ посакаа и понатамошна успешна работа. Според нив, кумановскиот суд работи успешно и ефикасно, што е резултат и на доброто менаџирање на оваа институција. Споменаа дека за судијата Манев имаше негативни натписи во медиумите за нејзината работа и за меѓучовечките односи во судот, но истакнаа дека досега не стигнала ниту една иницијатива, ниту документ против неа врз основа на кои Судскиот совет би можел да расправа за работата на Манев. Според членовите на Судскиот совет, никој друг од судот во Куманово не се пријавил на огласот за претседател како противкандат, што значи дека се задоволни од нејзината работа.
– Кумановскиот суд е ажурен суд и има добри резултати, што е резултат на добро менаџирање и организација. Би сакала да напоменам дека и покрај пожарот од поголеми размери што пред неколку месеци го зафати овој суд, тоа не го закочи неговото функционирање – истакна Весна Дамева.
Единствен што беше против изборот на Снежана Манев беше судијата Миљазим Мустафа кој рече дека гласал така заради извештајот од контролата на Судскиот совет во кумановскиот суд, кој според Мустафа е негативен.
– Гласав против бидејќи има негативен извештај од контролата што беше извршена во истиот период кога таа беше в.д. Претседател. Имаме сериозни најави за недобро менаџирање со судот, меѓучовечките односи се најниско можно ниво, а тоа го кажале и вработените и судиите. Затоа гласав против, а на избраната претседатека и посакувам среќа и добро здравје – рече тој.
Министерот за правда Кренар Лога е голем противник за изборот на Манев за претседател на Основен суд Куманово. Тој против неа го искористи фактот што таа не ги положи од прв пат психолошкиот тест за личност и тестот за интегритет, а од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања истакнаа дека таа го прекинала тестот поради замор и дозволија повторно да полага.
Судскиот совет пролетоска два пати беше во контрола на Основниот суд во Куманово за тоа како работи судот и како се врши распределбата на предметите. Во првата контрола дел од судиите со писмени изјави се пожалиле дека в.д. претседателката е некоректна кон одредени вработени, користи несоодветен вокабулар, навреди и омалуважувања пред други колеги, кои во одредени случаи преминуваат во навреди на национална основа кон судиите Албанци, па кај дел од судиите има страв и несигурност кај судиите.
Заради овие наводи Судскиот совет отиде во уште една ненајавена контрола на кумановскиот суд, по која еден од заклучоците е дека „се констатирани нарушени меѓучовечки односи кои имаат влијание на функционирањето на судот.“ Според судиите в.д. претседателката претходно била голем професионалец која довела во ред повеќе работи во судот, со коректен однос кон колегите кои ѝ давале поддршка, но по сообраќајна несреќа односите се измениле во негативна смисла. Манев кон вработените имала потценувачки однос и комуницирала со недолични зборови и висок тон, немала трпение да сослуша, се изгубила колегијалноста со вработените и станала конфликтна личност која презентира моќ.
„Од изјавите на судиите за работната група произлегува единствен, општ заклучок дека ваквото однесување на в.д. претседателката се рефлектирало кон сите вработени, а не кон поединци и не било на национална основа. Ваквата состојба придонела одредени судии да станат привилегирани, наспроти останатите…“, се вели меѓудругото во извештаите од посетите на судов во Куманово.
Во врска со распределбата и прераспределбата на предметиет на судии и исклучувањето на судиите од автоматската распределба преку АКМИС, Судскиот совет не констатирал незаконско постапување.