
Снема хемотерапија „Таксол“ на Онкологија
Снема хемотерапија „Таксол“ на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Пациент со рак на црн дроб во редакцијата на „Слободен печат“ се пожали дека е исклучително вознемирен што процесот на лекување му е компромитиран од немањето хемотерапија.
Препорачано
-Дојдов утринава и треба да примам еден протокол на хемотерапија составена од 2 лека, секој од нив по 3 часа. Едниот лек го има, ама „Таксол“ нема. Ми рекоа ако си го најдам во Бугарија или Србија, може да го донесам да ми го аплицираат. Ова ми е последната хемотерапија и претходните ги примав на 21 ден. Вознемирен сум зашто сакам да се лекувам според протоколот, како што треба, а не нецелосно, ни рече тој.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија доктор Игор Стојковски за „Слободен печат“ вели дека лекот се очекува да дојде на почетокот на месец јули.
-Има дефектура во дистрибуцијата. Самиот добавувач не извести дека „Таксол“ се очекува на почетокот на идниот месец. Не е до нас, туку до тоа што има проблем со производството на лекот, ни рече доктор Стојковски.
Таксол е хемотерапија на позитивната листа на лекови, но нашиот извор кој денеска не ја примил, тврди дека никој не му дава насока каде во Македонија може да се купи, туку го упатиле во Србија и Бугарија.
По објавувањето на овој текст, пациентот се јави повторно во нашата редакција да соопшти дека на Онкологија не примил никаква терапија денеска. За едниот лек ќе оди во приватна клиника утре да плати околу 700 евра и да го прими.