
Словенечкиот Државен совет стави вето на законот за потпомогнато самоубиство
Висок државен орган во Словенија стави вето на новиот закон кој дозволува потпомогнато самоубиство за терминално болни лица, оценувајќи дека законот отвора сериозни етички, правни и филозофски прашања што сè уште не се доволно разгледани, пренесе државната новинска агенција СТА.
Препорачано
Законот, кој минатата недела беше изгласан во парламентот, предвидува право на потпомогнато самоубиство за возрасни пациенти со терминална болест, во случаи на неподносливо страдање без изгледи за оздравување. Словенија со тоа се приклучи на група земји како Холандија, Белгија, Австралија, Канада и неколку сојузни држави во САД, каде што ваквата практика веќе е дозволена.
И покрај тоа што 55% од граѓаните го поддржаа законот на минатогодишниот советодавен референдум, Државниот совет – тело со претставници од различни општествени сектори – со 20 гласа „за“ и девет „против“ во вторник вечерта го блокираше законот, со барање тој повторно да се разгледа во парламентот.
Противниците на законот предупредија дека легализирањето на потпомогнато самоубиство би можело да доведе до намалување на почитта кон човечкиот живот и отворање на потенцијално опасен преседан.
Законот строго го ограничува правото на потпомогнато самоубиство, дозволувајќи го само во случаи кога сите други медицински опции се исцрпени. Истовремено, јасно се исклучуваат случаи поврзани со страдање предизвикано од ментални нарушувања.