„Слободен печат“ дознава: Здравствениот инспекторат ќе проверува зошто премрзнатите близначиња што починаа во прилепско биле пуштени од болница само 10 дена по раѓањето, на родилна тежина под 2 килограми

Државниот здравствен и санитарен инспекторат влегува во прилепската болница, потврдуваат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство. Причината за вонредниот инспекциски надзор се двете починати близначиња кои биле стари само 17 дена а биле родени со тежина под 2 килограми. Тие подоцна починаа, наводно од премрзнување.

Меѓутоа, она кое што ја остави јавноста во прашалници беше дали се испочитувани протоколите, кога на барање на мајката и со нејзин потпис, како што известија од прилепската болница – лекарите ги пуштиле бебињата дома. Во многу други случаи кога се работи за бебиња кои се родени со мала родилна тежина, тие остануваат во инкубатор додека мајката се пушта дома после породувањето. Зошто ова не било испочитувано во конкретната ситуација и зошто бебињата на така мала тежина биле пуштени дома, наместо да се во инкубатор или на болничка грижа, останува да констатираат инспекторите на ДСЗИ.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат ќе иницира вонреден инспекциски надзор во прилепската болница во врска со овој случај. Надзорот ќе ја опфати документацијата за третманот на бебињата согласно надлежностите на ДСЗИ, велат од Министерството за здравство на прашањата на „Слободен печат“ кои се однесуваа на тоа дали болницата имала право да ги задржи бебињата и против волјата и потписот на мајката поради нивната тежина и нивната здравствена состојба.

Близначињата починаа завчера, едното во домашни услови а смрт е констатирана во прилепската болница, а другото во самата болница каде смртта е констатирана после неуспешната реанимација. Близначињата од прилепското село Славеј биле родени во прилепската болница, но соопштението што самата болница го испрати, а се однесува на тоа што биле пуштени дома со така мала тежина и толку брзо по раѓањето отвори бројни прашања. Според болницата тие починале од премрзнување, но дали доколку биле задржани во болница би се случило тоа премрзнување? Има ли прилепската болница услови за чување на бебињата во инкубатор? Доколку нема, тогаш зошто тие не се препратени на УК за гинекологија и акушерство во Скопје (ГАК)?

На 30.12.2024 година, во нашата установа, мајка родена во 2001 година, во својата четврта бременост (близначка), се породи спонтано. Близначињата се недоносени, родени во 34-та гестациска недела. Првото новороденче, машко, е со родилна тежина од 1970 грама, а второто, женско, со тежина од 1780 грама. На 10.01.2025 година, по барање на мајката и со нејзин потпис, новороденчињата се испишани од болницата. На 16.01.2025 година, во 10:45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина, наведе прилепската болница во соопштение.

Но, само неколку денови после отпустот од болница, бебињата починаа. Болницата извести дека тоа било од „премрзнување“ а Центарот за социјални работи иако не е надлежен ни медицински компетентен, го демантираше ова – кога влегле да направат инспекциски надзор во куќата, рекоа дека било топло.

Тогаш во прилепската болница се обиделе да направат реанимација врз женското новороденче, а машкото веќе било починато.

Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче. Изразуваме длабоко жалење за загубата и остануваме посветени на обезбедување најдобра можна грижа за сите пациенти, велат оттаму.

Јавниот обвинител издаде налог за обдукција, која е единствената релевантна метода за утврдување причини за настапување на смртта и која ќе ги одговори сите прашања. Но, во врска со протоколите на прилепската болница, останува едно големо прашање да лебди во воздухот – требало ли да ги пуштат бебињата дома со тежина под 2 килограми, само неколку денови по породувањето, дури и ако мајката барала такво нешто?

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот