Чарли Кирк - Извор Х

Сликата што никогаш нема да се заборави: Сведоштвата од Универзитетот „Јута Вали“

Присутните на настанот на кампусот на Универзитетот „Јута Вали“, каде што синоќа беше убиен американскиот конзервативен активист Чарли Кирк, ги опишаа сцените на паника што следеа по фаталната пукотница. Кирк (31), влијателен човек и близок сојузник на Доналд Трамп, беше убиен со еден куршум во вратот додека држеше говор пред околу 3.000 луѓе како дел од неговата „Американска турнеја за враќање“, објави „Би-би-си“.

Го видовме телото како паѓа

Полицијата верува дека истрелот бил испукан од покривот на блиската зграда, на околу стотина метри оддалеченост. Видеата од социјалните медиуми го покажуваат Кирк како зборува за насилство со оружје само неколку моменти пред да биде застрелан.

„Моите пријатели и јас се забавувавме само слушајќи што се случува. Одеднаш слушнавме гласен крик, силен тресок, а потоа го видов неговото тело како паѓа во забавена снимка“, изјави еден очевидец за „Би-би-си.

Портер Лафербер, студент и „голем обожавател“ на Кирк, бил на околу петнаесет метри оддалеченост.

„Седев таму снимајќи го, престанав да снимам и тогаш го слушнав тој истрел. Не разбираш што се случило сè додека не се случи. Чарли паѓа од столот, сите почнуваат да паничат“, изјави тој за „Би-би-си“.

Лафербер додаде дека се скрил зад бетонска ограда, а потоа истрчал кон најблиската зграда.

„Не сакам да умрам“

Поранешниот американски конгресмен Џејсон Чафец, кој беше на настанот со својата ќерка, ги потврди сцените на хаос.

„Куршумот отиде директно во него. Сите беа на подот и трчаа“, изјави тој за „Фокс њуз“.

Адам Бартоломеј, кој интервјуираше контра-протестанти на настанот, исто така го опиша општиот хаос.

„Имаше хаос и луѓето трчаа кон излезите. Неколку луѓе беа во солзи“, изјави тој за „Би-би-си“.

Фил Лајман, поранешен конгресмен од Јута, ја делеше сцената со Кирк непосредно пред неговиот говор. „3.000 деца кои во основа гледаат како некој е застрелан пред нив, тоа е навистина трауматично. Навистина е тешко“, рече тој.

Ема Питс од „Дезерет њуз“, која известуваше од настанот, рече: „Никогаш нема да ја извадам таа слика од главата“.

Питс додаде дека била изненадена од недостатокот на безбедност.

„Никој не ја скенираше нашата опрема, никој не ги скенираше нашите торби, немаше обезбедување“, рече таа.

Бартоломеј се согласи, велејќи дека е „изненаден“ што никој не му ја проверил торбата. Универзитетот „Јута Вали“ соопшти дека имало шест обезбедувачи за предавањето, покрај приватното обезбедување на Кирк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот